Umar Farooq
14 Февруари 2019•Ажурирај: 14 Февруари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе ги разгледа сите опции поврзани со решавањето на ситуацијата во Венецуела, но не зборуваше за воена интервенција, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Мислам дека постојат голем број решенија, голем број различни опции, а ние ја разгледуваме секоја од нив“, изјави Трамп во Белата куќа по средбата со колумбискиот претседател Иван Дуке Маркез.
На прашањето дали САД ќе ги разгледаат воените опции на интервенција во Венецуела, Трамп изјави: „Не зборувам за тоа никогаш.“
Таквиот одговор е во контрадикција со она што за „Си-би-ес њуз“ (CBS News) Трамп неодамна го изјави, дека вклучувањето на војската во Латинска Америка е една од опциите.
Посетата на Дуке во Вашингтон се случи во момент на продолжување на големиот економски и политички притисок на САД, со кој сакаат да се принуди венецуелскиот претседател Николас Мадуро да ја препушти власта на Хуан Гваидо, лидерот на Народното собрание кој на 23 јануари се самопрогласи за привремен претседател.
САД, Канада, поголемиот дел од земјите на Латинска Америка и 20-ина европски држави пружија поддршка на Гваидо. Меѓутоа, Мадуро ги одби повиците да се повлече, нагласувајќи дека Вашингтон организира државен удар. Од друга страна, Кина, Иран, Русија и Турција пружија поддршка на Мадуро.
Вчера демократот Елиот Енгел, претседателот на Одборот за надворешна политика на Претставничкиот дом, ја отфрли можноста за каква било поддршка на воената интервенција во Венецуела и ја критикуваше најавата на Трамп за таквата опција.
Исто така, вчера Мадуро изјави дека американскиот претседател и понатаму на Венецуела ѝ се заканува со воена интервенција и ги повика сите земји да дејствуваат солидарно.
„Не сме ничии робови, просјаци и слуги. Ние сме слободни жени и мажи. Честа која ја поседуваме длабоко во себе е наша најголема мотивација и задоволство“, порача Мадуро.
Тој истакна и укажа на „историското херојство“ на венецуелскиот народ кој се противи на американскиот обид за заземање на контрола над Венецуела.