Beyza Binnur Dönmez
27 Јануари 2020•Ажурирај: 27 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, денес ги негираше тврдењата во книгата на поранешниот советник за национална безбедност на САД, Џон Болтон, дека наредил помошта за Украина да биде замрзната сè додека Киев не помогне во истрагата за демократот Џо Бајден и неговиот син, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Никогаш не му кажав на Џон Болтон дека помошта за Украина е врзана за истрагите за демократите, вклучувајќи ги [поранешниот потпретседател Џо Бајден и неговиот син Хантер] и Бајденови“, напиша Трамп на Твитер, додавајќи дека доколку Џон Болтон го кажал тоа, тоа било само со цел да ја продаде книгата.
Трамп се осврна на дел од книгата со мемоари на Болтон, изнесени во јавноста, што треба да биде објавена на 17 март.
Во книгата, Болтон наводно тврди дека Трамп во август му кажал дека сака да ја замрзне помошта за Украина додека земјата не помогне во истрагите за Бајден, најверојатно идниот демократски претседателски ривал на Трамп на изборите во 2020 година.
Во серија твитови, Трамп го бранеше своето однесување како претседател во однос на обвинувањата, главната причина за судењето за импичмент предводено од демократите во американскиот Конгрес.
„Транскриптите од моите разговори со [украинскиот] претседател [Владимир] Зеленски се доказите што се потребни, покрај фактот што претседателот Зеленски и министерот за надворешни работи на Украина рекоа дека немало притисок и никакви проблеми“, напиша Трамп.
Трамп, исто така, наведува дека Украина примила воена помош „без никакви услови и истраги“.
„Дополнително, се сретнав со претседателот Зеленски во Обединетите нации (демократите велат дека никогаш не сум се сретнал) и ја дадов воената помош за Украина без никакви услови или истраги - и далеку пред предвидениот рок. Исто така одобрив Украина да ги купи противтенковските ракети „Џавелин“. Мојата администрација направи многу повеќе од претходната администрација“, додаде тој.
Трамп направи ретвит на објавата на Шон Дејвис, коосновачот на магазинот „Федералист“ (The Federalist), кој го обвини Болтон дека се одмаздува кон Трамп, споредувајќи го Болтон со поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми.
„Џон Болтон ја води истата игра за одмазда кон Трамп што ја водеше и Џејмс Коми, затоа што е лут што Трамп го отпушти за протекување информации и за тоа што се обидува да започне нови војни. Тоа е толку досадно и предвидливо“, напиша Дејвис на Твитер.
Во изјавата на 6 јануари, Болтон рече дека е подготвен да сведочи, доколку Сенатот го повика.
Трамп се соочува со две посебни точки за импичмент усвоени од Претставничкиот дом во декември, во врска со неговите обиди да ја натера Украина да започне кривични истраги за Бајден и за неговата последователна одлука за одбивање да соработува во истрагата на Конгресот по ова прашање.