Esat Fırat,Mohamed Majed
27 Јануари 2025•Ажурирај: 28 Јануари 2025
ГАЗА (АА)
– Мухамед МАЏИД
Агенција Анадолу (AA) ја сними локацијата на израелски снајперист кој се криел во куќа на Палестинци во градот Рафа, јужно од Појасот Газа.
По прекинот на огнот меѓу Хамас и Израел во Појасот Газа, израелската Армија се повлече од регионот, оставајќи зад себе траги од користење на куќите како воени позиции.
Пронајдени се траги на израелски војници кои се засолнувале во некои од уништените куќи во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.
Натписите на ѕидовите испишани од војниците и неискористената муниција пронајдена во објектите укажуваат на тоа дека некои од куќите биле користени како позиции на снајперисти, а пакувањето од храна оставено зад нив укажува на тоа дека војниците и се засолнувале и јаделе во овие куќи.
Палестинец кој разговараше со дописникот на АА ја опиша позицијата на израелски снајперист кој имал можност да набљудува пошироко поддрачје.
Според Палестинецот, цел на снајперистот биле раскрсницата Бир-Салим, улицата Ал-Сике, улицата кај џамијата Ал-Фарук, зградата на здравствениот дом и улицата Хасан ал-Фавал.
Во ова подрачје, наречено Шабура, кое се наоѓа во јужниот дел од градот Рафа, има стотици објекти, кои повеќето се уништени и чии жители биле присилно раселени за време на војната.
Како резултат на копнената операција на Израел врз градот на 6 мај 2024 година, градот Рафа, како и другите делови на Појасот Газа, беа подложени на широко распространето уништување.
Договорот за прекин на огнот и размена на затвореници меѓу Хамас и Израел во Газа стапи на сила во неделата, 19 јануари, во 11:15 часот по локално време (10:15 часот по средноевропско време).
Во нападите врз Појасот Газа извршени од страна на Израел, со поддршка на САД, од 7 октомври 2023 година убиени се 47.283 Палестинци, меѓу кои приближно 17.841 дете и 12.298 жени, а 111.472 се повредени.
Сѐ уште има илјадници мртви под урнатините во Појасот Газа, во голема мера е уништена цивилната инфраструктура, а цел на нападите беа болниците и образовните институции во кои засолниште побараа принудно раселените Палестинци.