ИДЛИБ (АА) - Селен Темизер - Сиријките во бегалскиот камп Шухеда, во близина на границата со Турција, настојуваат на своите деца кои останаа без татко, но и без татковината, да им овозможат колку-толку сигурен покрив над глава, јавува Anadolu Agency (AA).
Во бегалскиот камп во Атме, сириски Идлиб, сместени се повеќе од 150 деца заедно со нивните мајки.
Голем дел од семејствата во кампот изгубиле надеж дека се живи нивните татковци и мажи, кои беа приведени од страна на припадниците на режимот на сирискиот претседател Башад ал Асад, а за нив веќе неколку години не знаат ништо.
Условите во шаторите во кои ги сместија волонтерите од хуманитарните организации се далеку од идеални, а одредени сцени покажуваат дека животот и покрај сѐ, продолжува.
Во кампот се наоѓа и објект со четири соби, кој жителите на кампот го нарекуваат училиште, а пред него има и мало игралиште.
Мерјем Селум (32), мајка на Алија, Омер и Сидре, на возраст од седум, осум и десет години, веќе шест години живее во кампот со децата. Нејзиниот сопруг пред шест години беше уапсен во Хама и од тогаш му се губи секаква трага.
„Го одведоа од подрачјето Калет Мадик, во Хама. Не знам дали е мртов. Работеше во Дамаск, подоцна ја напушти работата и отвори пекарница. Само што му истече договорот, го уапсија. Војската влезе во нашата населба. Уапсија поголем дел од младите луѓе. Го одведоа мојот сопруг и неговиот брат. Оттогаш не знам ништо за него, мислиме дека е мртов“, вели Селум.
„Помислувам и на смртта, но кога ќе се сетам на своите деца, се откажувам“
Таа додаде дека заедно со децата, по апсењето на сопругот побегнале во село во Идлиб. Таму останале два месеца, а поради постојаните напади на припадниците на режимот на Асад, одлучиле да побараат засолниште во кампот Шухеда.
„Родителите и брат ми живеат во камп во близина. Невозможно е да живееме заедно бидејќи шаторите се мали, но ги посетувам секоја недела“, изјави таа.
Кога ја прашаа зошто дошле токму во Идлиб, и зарем немало некое побезбедно место, Селум изјави дека тоа е безбедно подрачје бидејќи е во близина на границата со Турција, па поради тоа нема чести напади.
„Не можеме да се вратиме во нашето село. Тоа сега е под контрола на режимот“, изјави Селум.
Таа вели дека животот е тежок за млада самохрана мајка со три деца.
„Тешко живееме. Потребите на децата се сѐ поголеми. Сакаат велосипед, телефони, а јас тоа не можам да им купам. Во лоша психичка состојба сме, исто така. Секој период носи нешто ново. Понекогаш ми е жал, понекогаш чувствувам безнадежност, а понекогаш депресија. Децата се единственото нешто што ме извлекува од депресијата. Помислувам и на смрт, но кога ќе се сетам на децата, се откажувам“, изјави таа.
Селум додаде дека нејзините деца ѝ се поддршка.
„Кога плачам, се грижат. Ме прашуваат зошто плачам? Кога сум болна, тие ги извршуваат домашните работи“, изјави таа.
„Понекогаш не можам да се сетам на ликот на мојот сопруг“
Според нејзините зборови, тие живеат мирно во кампот.
„Во текот на денот повеќе сакам да останам сама, да не одам никаде. На децата им помагам околу учењето. Се обидувам од нив да го скријам уморот. Станувам, двете деца ги испраќам на училиште, а третото попладне. Ми доаѓаат сосетките и си се жалиме една на друга“, изјави таа.
Селум вели дека често размислува за својот сопруг кога е депресивна.
„Понекогаш не можам да се сетам на неговиот лик. Ги гледам нашите фотографии, тие се единственото нешто што можев да го понесам. Настојувам да не им ги покажувам на децата, но тие сами ги земаат“, изјави Селум.
Младата мајка додава дека имаат проблем и со недостигот на храна, и оти на децата може да им даде месо само еднаш месечно и не може да обезбеди сѐ што тие ќе посакаат.
Омер (10) на екипата на АА го покажа албумот со фотографии за кој зборуваше неговата мајка.
„Кога ги гледам, не чувствувам ништо. Не можам да се сетам на никој, ја гледам само мајка ми“, вели тој.
Неговиот помал брат Али (8) рече дека кога ги гледа фотографиите се труди да го замисли својот татко. Вели дека одат на училиште, а по наставата си игра со својот брат, сестра му и со другарите. Тој додаде дека сака да биде полицаец кога ќе порасне.
„Мојот татко и чичко се во затвор, не знаеме ништо за нив“, додава Али и вели дека се надева оти неговиот татко ќе се врати еден ден.