Hakan Çopur
26 Октомври 2017•Ажурирај: 26 Октомври 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Претставничкиот дом на САД едногласно ги прифати новите санкции против организацијата Хезболах, поддржана од Иран. Цел на овие санкции се лицата и владите кои на оваа организација ѝ даваат финансиска или воена поддршка, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Претставничкиот дом, трите нацрт-закони беа изгласани усно и добија поддршка од сите присутни претставници на седницата.
Според тоа, нацрт-законот под број 3229 подразбира лицата или владите што ѝ даваат финансиска или воена поддршка на организацијата Хезболах да бидат на листата на санкционирани. Нацрт-законот 3342 го осудува Хезболах поради користењето на цивилите како „човечки штит“. Нацрт-законот број 359 упатува повик до Европската Унија (ЕУ) да ја прогласи Хезболах за терористичка организација.
По речиси 6 месеци, Претставничкиот дом за првпат спроведе директни санкции против Хезболах, што значи прифаќање санкции чијашто цел е Иран.
Утре во Претставничкиот дом се очекува да биде усвоен друг предлог во врска со програмата за балистички проектили на Иран.
Се дознава дека конкретниот предлог лесно ќе мине низ американскиот Сенат и ќе биде озаконет со потписот на претседателот на САД, Доналд Трамп.
- Трамп имаше дадено време за нуклеарната програма со Иран -
Претседателот на САД, Доналд Трамп, на 13 октомври ја објави новата стратегија кон Иран, истакнувајќи дека САД ќе заземат поостар став кон Техеран. „Започнуваме со спроведување санкции против Иранската револуционерна армија, како задоцнет чекор во спроведувањето на нашата стратегијата (кон Иран).
Трамп претходно имаше изјавено дека во тој момент нема да се повлечат од договорот за нуклеарната програма со Иран, давајќи му на американскиот Конгрес период од 60 дена за да ги разгледа условите на договорот и нивното спроведување. Трамп имаше истакнато дека по истекот на тој временски период, ќе биде разгледано дали постојат усогласувања, и изјави: „Доколку Конгресот и нашите сојузници не изнајдат решение, тогаш ќе го откажеме договорот“.