свет

Технички проблем ги приземји летовите на „Јунајтед ерлајнс“, доцнеа над 1.000 летови

- Иако проблемот беше решен по неколку часа, прекинот предизвика доцнења на над 1.000 летови и откажување на повеќе од 40, според веб-страницата за следење летови ФлајтАвер.

Esra Tekin  | 07.08.2025 - Обновена : 07.08.2025
Технички проблем ги приземји летовите на „Јунајтед ерлајнс“, доцнеа над 1.000 летови

ИСТАНБУЛ (AA) – Технички проблем ја принуди „Јунајтед ерлајнс“ синоќа да ги запре сите летови низ САД, јави „Еј-би-си њуз“, јавува Анадолу.

Иако проблемот беше решен по неколку часа, прекинот предизвика доцнења на над 1.000 летови и откажување на повеќе од 40, според веб-страницата за следење летови ФлајтАвер.

Проблемот, според „Јунајтед ерлајнс“, потекнува од дефект во нејзиниот компјутерски систем за пресметување тежина и баланс на авионите.

„Поради технолошки проблем, летовите на 'Јунајтед' ги држиме на аеродромите за поаѓање“, се наведува во соопштението на авиокомпанијата.

„Очекуваме дополнителни доцнења во текот на вечерта додека работиме на решавање на ситуацијата. Безбедноста е наш приоритет број еден и ќе работиме со нашите патници за да стигнат до своите дестинации“, додава компанијата.

Прекинот започнал по 18 часот по источно време (22:00 по Гринич) и бил решен во рок од неколку часа.

Авиокомпанијата соопшти дека им обезбедува оброци и сместување во хотели на засегнатите патници.

Федералната администрација за авијација на САД (ФАА) потврди дека е запознаена со техничкиот проблем на „Јунајтед ерлајнс“, кој го наруши нејзиното работење.

Американскиот секретар за транспорт Шон Дафи изјави дека проблемот бил изолиран само на системите на „Јунајтед“ и нема поврзаност со пошироката инфраструктура за контрола на воздушниот сообраќај.

„Јунајтед ерлајнс“, исто така, за „Еј-би-си њуз“ потврди дека прекинот не бил резултат на кибернапад.

Според авиокомпанијата, забраната за летање на земја не влијаела врз летовите на „Јунајтед експрес“, а авионите што веќе биле во воздух продолжиле кон своите дестинации како што било планирано.

ФАА објави дека „Јунајтед ерлајнс“ побарала забрана за полетување на неколку големи аеродроми, меѓу кои Њуарк, Сан Франциско, Чикаго, Денвер и Хјустон.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.