Felix Nkambeh Tih,Can Erözden
02 Јуни 2016•Ажурирај: 03 Јуни 2016
МОГАДИШУ (АА) - Во двоен бомбашки напад врз сомалиски хотел во Могадишу, загинаа 11 лица, вклучувајќи и двајца пратеници, изјавија локалните медиуми денес, пренесува Anadolu Agency (AA).
Нападот на хотелот „Амбасадор” се случи вчера попладне кога автомобил полн со експлозив бил паркиран пред главниот влез на хотелот, објави Националната сомалиска новинска агенција (СОННА).
Во тоа време областа била преполна со возила и пешаци, а безбедносни извори за АА изјавија дека експлозијата била пропратена со престрелка помеѓу напаѓачите и безбедносните сили.
Новинската агенција СОННА изјави дека 50 лица се ранети во нападот од кои поголемиот дел се на лекување во болницата во градот Мадина. Од агенцијата дознаваме дека имињата на двајца загинати пратеници се Абдулахи Јама Кабавејн и Мухамуд Мухамед Ѓур, кои за време на експлозијата се наоѓале во хотелот со група од шест пратеници. Останатите четворица се спасени од страна на безбедносните сили.
„Експлозијата беше силна”, изјави работник за итни случаеви, Ахмед Мухамед за АА.
„Загинаа 11 лица а десетици други се повредени кои се префрлени во локалните болници”.
На сликите од местото на настанот се гледа уништената зграда на хотелот и уништените возила од оган, на улицата.
Терористичката организација Ал Шабаб презеде одговорност за синоќешниот напад. Во соопштението на Ал Шабаб кое го пренесува новинската агенција СомалиМемо се наведува дека милитантите на таа организација по експлозијата успеале да влезат и да преземат контрола во хотелот.
Откако сомалиските сили го обезбедија подрачјето, на местото на нападот стигнаа и сомалискиот министер за безбедност, Абдирисак Омар Мухамед, министерот за информирање, Мухамед Абди Хаџер и шефот на разузнавачката служба на таа африканска земја, Абдирахман Турјуаре.
Утре, во официјална посета на Могадишу се очекува да допатува турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, кој ќе присуствува на церемонијата на инаугурација на новата турска амбасада.
Министерството за надворешни работи на Република Турција, утрово, остро го осуди терористичкиот напад во Могадишу и порача дека Турција силно ќе продолжи да ја поддржува Сомалија на нејзиниот пат кон стабилизација и напредок.