Ömer Aydın
09 Април 2018•Ажурирај: 09 Април 2018
ПАРИЗ (АА) - Претседателот на Франција, Емануел Макрон, во телефонскиот разговор со американскиот претседател, Доналд Трамп, го осуди нападот со хемиско оружје во Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение на Елисејската палата, во реализираниот телефонски разговор Макрон и Трамп се осврнале на прашањето околу Сирија.
Според соопштението, Макрон најостро го осудил нападот со хемиско оружје извршен на 7 април врз населението на Источна Гута.
Се вели дека Макрон и Трамп меѓусебно размениле информации и анализи кои го потврдуваат хемискиот напад, и дека двајцата лидери дале инструкции на нивните тимови за зголемување на размената на информации и анализи во наредните денови.
Според соопштението на Елисејската палата, Макрон и Трамп донеле одлука за координирање на нивните активности и иницијативите на двете земји за осудување на прекршувањето на резолуцијата 2401 на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), и во однос на повторното користење на хемиско оружје.
Исто така, претседателите на Франција и САД донеле одлука во наредните 48 часа повторно да разговараат и да бидат во комуникација од поширок аспект.
Во соопштението не се наведува кој стои зад нападот извршен во Источна Гута.
Во вчерашното соопштение на Министерството за надворешни работи на Франција беше истакнато дека користењето на хемиско оружје претставува воено злосторство, и беше наведено дека ќе биде свикан состанок на Советот за безбедност на ОН со цел дискутирање на оваа тема. Според соопштението, Франција ќе ги преземе сите свои одговорности во борбата против ширењето на хемиското оружје.
Во саботата, во нападот со хемиско оружје врз цивилните населени места во Дума, која е последна точка во Источна Гута под контрола на опозицијата, загинаа 78 цивили.