Ömer Koparan,Levent Tok
15 Февруари 2019•Ажурирај: 16 Февруари 2019
АЗАЗ (AA) - ОМЕР КОПАРАН -
Терористичката организација веќе три години го окупира сирискиот град Тел Рифат, додека околу 250.000 жители на Тел Рифат живеат во камповите на границата со Турција, пишува Anadolu Agency (AA).
ЈПГ/ПКК на почетокот на 2016 година, од Африн, кој во тој период беше под окупација на оваа терористичка организација, извршуваше напади врз Тел Рифат со воздушна поддршка на Русија, додека во период од 9 до 16 февруари 2016 година го окупираше овој град.
ЈПГ/ПКК имаше цел со спојување на заземените територии источно од реката Еуфрат со Африн, да ги окупира и подрачјата кои се наоѓаат меѓу двете страни. ЈПГ/ПКК така планираше да формира непрекинат појас по должината на сириско-турската граница, над кој ќе има непрекината контрола.
Но, Баб е сместен меѓу Тел Рифат и Мунбич, во територија ослободена со офанзивата „Штитот на Еуфрат“. Поради тоа, организацијата не може да воспостави територијално поврзување меѓу Тел Рифат и Мунбич.
Околу 250.000 бегалци од Тел Рифат при Алепо и околните 42 села, присилени да мигрираат од страна на ЈПГ/ПКК, веќе три години се засолнуваат во градот Азаз.
- „Турција беше единствено место за засолнување“
Амир Алито од Тел Рифат, во изјава за АА истакна дека ги напуштиле своите домови, и дошле на граничната линија со Турција, бидејќи, како што рече тој, „Турција беше единствено место за засолнување“.
„Тел Рифат го напуштивме како резултат на воздушните напади на авионите на Русија и копнените напади на ЈПГ/ПКК. Не знаевме каде да одиме. На граничната линија стигнавме пешки. На почетокот поминавме тешки времиња“, додаде тој.
Истакнувајќи дека биле сместени во привремени кампови, Алито нагласи дека првата година во камповите живееле неколку семејства, околу 50 лица, и дека сè уште постојат тешки услови за децата и жените.
„Поминаа три години. Веќе сакаме да се вратиме во Тел Рифат. Тел Рифат е многу блиску, но на ниту еден начин не можеме да одиме таму. Можеме само да го гледаме од далеку, и да се сеќаваме на нашите мемории. Имаме потешкотии во камповите. Во Тел Рифат бевме на мир. ЈПГ/ПКК со поддршка на Русија и Асад го окупираше нашиот роден крај“, рече Алито.
- „Не ни останаа ни пријатели ни нешто друго“
Дванаесетгодишниот Јусуф Кувејс, исто така, го раскажа тешкиот живот во камповите.
„Веќе три години сум тука. Бевме избркани од нашиот дом“, истакна Кувејс, и додаде:
„Тешко е да се живее на кал во камповите. Ние немаме вина. Ние бевме само деца. Сите мои пријатели мигрираа како јас што мигрирав. Не ни останаа ни пријатели ни нешто друго“.
Кувејс нагласи дека условите кои ги имаат денес се малку подобри од минатото, но дека сакаат да се вратат во Тел Рифат.
- АА од воздух го сними Тел Рифат
ЈПГ/ПКК која е сместена во Тел Рифат, врши напади врз цивилните населени места во местата ослободени со операцијата „Штитот на Еуфрат“, и во Африн ослободен од терористите од страна на Турција.
Турските вооружени сили со чести временски интервали им возвраќаат на целите на оваа терористичка организација во Тел Рифат.
АА на 27 мај 2018 година со дрон го сними овој град кој се наоѓа на 18 километри од границата со Турција.
Во снимките се забележува дека биле ископани големи јами во земјоделските земјишта околу центарот на овој град.