Qays Abu Samra,Mahmut Geldi
28 Септември 2017•Ажурирај: 29 Септември 2017
РАМАЛА (АА) - Израелската војска веќе три дена држи под окупација 16 палестински села северозападно од Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).
По нападот во којшто пред три дена загинаа тројца припадници на израелските безбедносни сили, Израел ги заостри безбедносните мерки.
Од Министерството за надворешни работи на Палестина издадено е соопштение во коешто се вели дека под окупација се 16 села, во кои се затворени 50 училишта и запрена е доставата на храна и лекови.
Со бариерите е оневозможена комуникацијата меѓу селата северозападно од Ерусалим.
„Овие активности се во спротивност со меѓународното право кое ги штити основните човекови права, правото на живот, образование и слободно движење“, истакнаа од министерството.
Очевидците наведуваат дека израелските сили не дозволуваат ниту да се излезе на улица во некои места северозападно од Ерусалим.
„Во оружениот терористички напад извршен на подрачјето на Хар Адар, надвор од Ерусалим, загинаа тројца, а беше ранет еден Израелец. Полицијата го неутрализираше напаѓачот. Напаѓачот е од едно палестинско село“, претходно беше соопштено од израелската полиција.
По нападот на Западниот Брег, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека ќе преземе некои чекори како одговор на овој оружен напад.
„Денес е тежок ден. Го истражуваме терористичкиот напад. Треба да соопштиме и некои чекори коишто ќе ги преземеме. Прво ќе ја урнеме куќата на напаѓачот. Како второ, селото во коешто живееше ќе биде под полициски кордон, а ќе биде поништена и работната дозвола на неговото семејство“, изјави претходно израелскиот премиер.
Израелските сили честопати, под различни обвиненија вршат упади и ги приведуваат Палестинците на Западниот Брег и во Источен Ерусалим. Во израелските затвори се наоѓаат околу 7.000 Палестинци, а меѓу нив има и деца. Израел од 2006 година го држи под окупација Појасот Газа, каде што живеат околу два милиона Палестинци.