Ekip
12 Декември 2017•Ажурирај: 12 Декември 2017
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот премиер Рами Хамдала, упати повик до Советот за безбедност на ОН да изврши притисок врз Израел, за да ја заврши повеќедецениската окупација на палестинските територии, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ги повикуваме ОН и Советот за безбедност да преземат одговорност и да го притиснат Израел да ја заврши окупацијата на палестинските земји, вклучувајќи го и Источен Кудс“, изјави Хамдала пред почетокот на состанокот на Владата на Палестина во Рамала.
Палестинскиот премиер минатата недела ја осуди одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Кудс за главен град на Израел, нарекувајќи ја одлуката неправедна и оценувајќи ја како кршење на меѓународното право, на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и како напад на палестинскиот народ.
„Никогаш нема да го напуштиме Кудс и да го загрозиме својот арапски идентитет и неговите свети места“, изјави тогаш Хамдала и ја повика Арапската лига и Организацијата за исламска соработка да застанат во одбрана на светиот град.
Тој, исто така, ги повика земјите од целиот свет да ја признаат Палестина со главен град Источен Кудс.
Кудс останува во сржта на израелско-палестинскиот судир, а Палестинците се надеваат дека источен Кудс, кој моментално е под окупација на Израел, ќе биде главен град на идната палестинска земја.