Emre Aytekin
29 Мај 2020•Ажурирај: 30 Мај 2020
АНКАРА
Социјалната мрежа Твитер, поради „величење на насилство“ ја прекри објавата на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со протестот поради смртта на Џорџ Флојд, невооружениот Афроамериканец кој почина при приведувањето, откако полицаец го собори и неколку минути му го притискаше вратот со колено, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Твитер на објавата на претседателот на САД постави предупредување кое оневозможува приказ на објавата без клик „прикажи“.
Во предупредувањето се наведува дека објавата на Трамп го прекрши правилото на Твитер кое се однесува на „величење на насилство“, но дека ќе остане достапна заради јавна корист.
„Овие насилници го обесчестуваат споменот на Џорџ Флојд и нема да дозволам да се случи тоа. Само што разговарав со гувернерот Тим Валц и му реков дека војската е со него цело време. При секоја потешкотија ние ќе преземеме контрола, но кога започнуват грабежите, започнува и пукањето. Ви благодарам“, додаде тој.
Флојд (46) беше уапсен во понеделникот во Минеаполис, откако наводно се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеата од бруталното апсење беа објавени на социјалните медиуми. На видеото се гледа како полицијата го приведува со лисици и го соборува на земја, при што едниот од полицајците му го притиска вратот со колено. Од полицијата тврдат дека тој се спротивставувал на приведувањето.
Сепак, видеоснимката покажува дека тој соработува со полицијата.
И покрај тоа што Флојд во неколку наврати велеше дека не може да дише, службеникот не го тргна коленото од неговиот врат. Набргу потоа, се чинеше дека Флојд изгуби свест, но полицаецот ја задржа идентичната позиција кон жртвата. Тој починал за кратко време откако го однеле во болница.
Четворица полицајци се отпуштени поради убиството, а настанот предизвика масовни протести и негодување против полициската бруталност. Семејството на Флојд рече дека сака полицајците да бидат обвинети за убиство.
Смртта на Флојд има многу сличности со онаа на Ерик Гарнер, кој почина за време на неговото фатално апсење во 2014 година во Њујорк, а кој, исто така, неколкупати ѝ велел на полицијата дека не може да дише.