Sayed Khodaiberdi Sadat
15 Август 2021•Ажурирај: 15 Август 2021
КАБУЛ
Талибанското движење утрово ја презеде контролата врз центрите во уште две авганистански провинции на истокот и во внатрешноста на земјата, така што бројот на провинциски центри под контрола на талибанците се зголеми на 25, известува Агенција Анадолија (АА).
Талибанците во утринските часови ја презедоа контролата над Џалалабад, главниот град на провинцијата Нангахар, а потоа го презедоа и Нили, главниот град на провинцијата Даиконди.
Нилуфер Азиз, шеф на Собранието на Нандахар, соопшти дека талибанците го зазеле Џалалабад без вооружена борба, а поголемиот дел од официјалните лица на авганистанската Влада избегале кон Кабул.
Али Џаванхири, застапник на Собранието на Даиконди, изјави дека жестоки судири се водени во Нили изминатите 24 часа, по што талибанците ја презеле контролата над градот. Војската и полицијата лојални на авганистанската Влада го напуштиле и тој град.
Талибанците вчера во попладневните часови ја презедоа контролата и врз центрите Мајман и Мазари Шериф.
Талибанците по влегувањето во Мазари Шериф ги ослободија затворениците, а локални извори информираат дека официјалните претставници на таа покраина тргнале кон границата со Узбекистан.
Судирите во Авганистан се интензивираа по одлуката на САД да ја повлечат војската од таа земја и по неуспешните мировни преговори во Доха. Бунтовничкото талибанско движење зазеде поголем дел од провинциите на земјата и изминатите денови се фокусира на напади за преземање на контролата над главните градови на авганистанските провинции.
Талибанското движење во изминатите 10 дена ја презеде контролата врз 25 главни градови на авганистанските провинции. Авганистанската Влада во моментов има контрола врз преостанатите 9 центри на провинции.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, предупреди дека ситуацијата во Авганистан излегува од контрола и го повика талибанското движење под итно да ги запре нападите.
Јенс Столтенберг вчера порача дека талибанците треба да знаат дека нема да добијат признавање од меѓународната заедница доколку со сила ја преземат контролата на власта во Авганистан.