Bahattin Gönültaş
06 Септември 2021•Ажурирај: 07 Септември 2021
БЕРЛИН
Портпаролот на талибанците, Забиула Муџахид, изјави дека сакаат силни и официјални односи со Германија и ја покани канцеларката Ангела Меркел во Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Германскиот весник „Билд“ објави интервју под наслов „Портпаролот на талибанците ја повика канцеларката во Кабул“.
„Германија има историски и добри односи со Авганистан. Сакаме силни и официјални дипломатски односи со Германија“, е една од речениците што Муџахид ги истакна во интервјуто.
Муџахид нагласи дека посакува германската Влада да има најдобри дипломатски односи со новата влада (талибанската влада).
Муџахид изјави дека покрај добрите дипломатски односи со Германија, посакуваат да видат и финансиска поддршка, хуманитарна помош и соработка со Берлин во подрачјето на здравството, инфраструктурата и образованието.
„Веруваме дека германската Влада навистина може да помогне“, смета Муџахид.
На прашањето на новинарите „Дали топло би ја пречекале германската канцеларка Ангела Меркел во Авганистан?“, Муџахид одговори:
„Сигурно. Сакаме силно и потполно безбедно опкружување во Авганистан, кое ќе го прифатат сите земји од светот и во кое ќе веруваат сите светски лидери. Би требало да дојдат да ја посетат нашата земја. Ангела Меркел дефинитивно би имала посебно место. Навистина, со задоволство ќе ја угостиме.“
Германија започна преговори со талибанците за евакуација на локалниот персонал што работи во Авганистан по завршувањето на воената евакуација.
Покрај тоа, германската Влада соопшти дека е подготвена да му пружи на Авганистан хуманитарна помош, со цел да спречи евентуална бегалска криза.
Германската Влада ја затвори тамошната амбасада откако талибанците го зазедоа Кабул. Посебен претставник на Владата, амбасадорот Маркус Поцел, замина во Доха, Катар, каде што одржа дипломатски контакт со претставниците на талибанците.