Gamze Türkoğlu Oğuz
17 Август 2021•Ажурирај: 18 Август 2021
АНКАРА (АА) - Талибанците соопштија дека прогласиле „амнестија“ за сите во Авганистан и ги повикаа жените да се приклучат на администрацијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Енамулах Самангани, член на Културната комисија на талибанците, во изјавата за авганистанската државна телевизија, која помина под нивна контрола, рече дека прогласиле „амнестија“ за сите во Авганистан и ги поканиле жените да се приклучат на администрацијата.
Самангани, наведувајќи дека не сакаат жените да бидат жртви и дека сакаат да бидат дел од администрацијата, рече: „Структурата на владата не е целосно разјаснета, но според нашето искуство треба да има целосно исламско раководство и да бидат вклучени сите страни.“
Нагласувајќи дека „очекуваат дека луѓето веќе ги знаат исламските правила на кои треба да се придржуваат“, Самангани рече: „Нашите луѓе се муслимани, ние не ги тераме со сила кон исламот.“
- Процесот на талибанска доминација во земјата -
Во рамките на мировниот договор постигнат меѓу САД и талибанците во февруари 2020 година, годинава започна процесот на повлекување на меѓународните сили од Авганистан.
Договорот предвидуваше да не се напаѓаат странските сили, но не предвидуваше никакви одредби во врска со акциите на талибанците против авганистанските безбедносни сили.
Талибанците од една страна ги продолжија преговорите со авганистанската Влада во Доха, а од друга страна истовремено со голема брзина и со насилни напади од јуни освоија многу области и провинциски центри во Авганистан.
Талибанците ја презедоа контролата врз главниот град Кабул без конфликт, откако претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата на 15 август.