Nuri Aydın
21 Август 2021•Ажурирај: 22 Август 2021
АНКАРА (АА) - Кина може да игра значајна улога во обновата на Авганистан, изјави портпаролот на талибанците, Сухејл Шахин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Шахин ја истакна важноста на процесот за обнова на земјата и рече дека Кина е голема земја со огромна економија и капацитет.
Нагласувајќи дека на групата ѝ е потребна поддршка од сите земји, Шахин ги охрабри соседните земји, земјите од регионот и светот да учествуваат во обновувањето на Авганистан.
Тој подвлече дека треба да се почитува волјата на авганистанската јавност и ја повика меѓународната заедница официјално да ги признае талибанците.
Шахин изјави дека напредувањето на талибанците го претставува бунтот на јавноста кон наметнатата администрација и рече дека брзото заземање на земјата од страна на групата го легитимизира преземањето на администрацијата.
Отфрлајќи ја загриженоста во врска со слободите на жените под талибанска администрација, Шахин тврди дека тие ќе го зачуваат правото на жените на образование и работа.
Тој, исто така, ги повика меѓународните економски и монетарни институции да обезбедат фондови за новата администрација.
Портпаролот на талибанците додаде дека Авганистан нема да биде користен за напади против земјите во регионот, бидејќи тоа нема да им служи на нивните интереси.
Талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан по заземањето на Кабул на 15 август, кога претседателот на земјата и другите високи функционери ја напуштија земјата.
Неочекуваното преземање на власта во земјата предизвика навала за бегство од Авганистан на цивилите кои им помагаа на странските војници или групи, а сега стравуваат од одмазда од талибанците.