Bilal Güler
01 Септември 2022•Ажурирај: 01 Септември 2022
КАБУЛ (АА) - Забихулах Муџахид, портпаролот на Талибанците, истакна дека САД, вршејќи притисок, ја спречиле меѓународната заедница официјално да ја признаат Владата што ја имаат формирано во Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за телевизијата ТОЛО, еден од водечките авганистански медиуми, Муџахид одговараше на различни прашања.
Во однос на тоа дека привремената Влада што ја формираше по доаѓањето на Талибанците на власт во Авганистан не е официјално признаена од ниту една земја, Муџахид нагласи дека некои земји кои се силни во меѓународните механизми за одлучување, имаат силно влијание врз другите.
„Тоа е резултат на тоа што некои моќни земји во светот не го дозволуваат тоа. Инаку, не се работи дека нашите соседи, земји во регионот или земји далечни и блиски не го сакаат тоа. Некои земји или не сакаат или не дозволуваат воспоставување исламски модел на влада“, нагласи портпаролот Муџахид.
На прашањето на новинарот, дали мисли на САД, Муџахид одговори: „Да, сто проценти. Досега не дозволи и спречи.“
Наведувајќи дека брзото заминување на силите на НАТО предводени од САД од Авганистан го разниша нивниот политички имиџ, Муџахид додаде: „Можеби не се подготвени за интеракција во вакво опкружување, но тоа им е потребно на двете страни.“
- Ниту една земја не ги призна Талибанците
Во последната година ниту една земја официјално не ги призна Талибанците, кои ја зазедоа контролата во Авганистан на 15 август минатата година.
Дипломатските напори на Талибанците, кои бараа официјално признавање уште од првиот момент кога дојдоа на власт, исто така, останаа без резултати.
Речиси сите влади, особено западните земји, бараа формирање сеопфатна влада што ќе ги претставува сите сегменти во Авганистан и почитување на човековите права, со цел официјално да го признаат талибанското владеење или да развијат добри односи со земјата.