Sayed Khodaiberdi Sadat
30 Декември 2021•Ажурирај: 31 Декември 2021
КАБУЛ
Талибанскиот лидер Мула Хибатула Акунџада од членовите на движењето побара да не угнетуваат никого и да ја почитуваат општата амнестија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на состанокот со талибанските претставници во јужната провинција Кандахар, Акунџада рече дека поранешните вработени во администрацијата не треба да бидат казнети за нивните „претходни кривични дела“.
Барајќи да се почитува општата амнестија објавена од него, Акунџада рече дека припадниците на талибанското движење треба да ги слушаат наредбите на нивните команданти.
„Исполнете ги обврските што ви се доверени од вашите власти во согласност со процедурата, принципите и законот и избегнувајте произволни активности“, нагласи Акунџада.
Обраќајќи им се на членовите на талибанското движење, Акунџада рече дека очекува авганистанскиот народ да го заштити своето достоинство и да се бори за исполнување на правдата.
Барајќи никој да не биде малтретиран, Акунџада рече: „Талибанските владини претставници треба да даваат должности на лицата според способностите, а не според јазикот и етничката припадност. Треба да се почитуваат старешините и да се почитуваат правата на сите.“
Наведувајќи дека секој авганистански граѓанин е почитуван во земјата, Акунџада додаде дека нема потреба никој да оди во странство.
Во својата писмена изјава на 8 декември, Акунџада ги повика гувернерите, официјалните лица и свештенството „директно да разговараат“ со оние кои сакаат да го напуштат Авганистан и да најдат решение откако ќе ја сослушаат нивната загриженост.
Точната локација на талибанскиот водач Акунџада е непозната, но талибанските власти тврдат дека нивниот лидер живее во Кандахар.
Откако талибанците го презедоа Авганистан на 15 август, снимките од тортура на членовите на движењето врз поранешната администрација предизвикаа реакции во јавноста.