Alaattin Doğru
26 Ноември 2020•Ажурирај: 27 Ноември 2020
ПАРИЗ (АА) - Француските полицајци кои пред два дена беа насилни кон барателите на азил за време на приведувањата во Париз, како и над претставниците на медиумите кои го снимија тоа, се суспендирани од должност, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Министерот за внатрешни работи, Жералд Дарманин, преку Твитер соопшти дека е отворена истрага против полицајците, и дека од директорот на полицијата е побарано поради претпазливост да суспендира двајца полицајци.
Дарманин порача дека очекува дисциплинските мерки да бидат завршени во најкраток можен рок. Снимките на полициско насилство, објавени во медиумите, ги нарече шокантни.
На плоштадот „Обелиск“, во срцето на Париз, полицијата употреби сила врз бегалците кои претходната ноќ ги поставија своите шатори, а новинарите кои сето тоа го забележаа со камерите, исто така, не беа изземени од насилното полициско однесување.
Снимката предизвика реакции во јавноста, реакции на голем број медиуми, како и организации за човекови права.
Организацијата „Лекари без граници“ поднесе пријава против началникот на париската полиција, тврдејќи дека полицијата ги уништила шаторите што им ги поделила на барателите на азил.