Ekip
27 Јули 2022•Ажурирај: 28 Јули 2022
БРИСЕЛ (АА) - Судот на Европската Унија (ЕУ) денеска ја потврди забраната за емитување на „Раша тудеј“ (Russia Today (RT)), воведена како дел од санкциите поради рускиот напад на Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Големиот совет на Општиот суд го отфрла барањето на „РТ Франс“ за поништување на санкциите на ЕУ со кои привремено се забранува емитување на државниот руски ТВ-канал“, соопштено е од судот.
Во првите рестриктивни мерки како одговор на војната во Украина, ЕУ во март го суспендира емитувањето на руската државна новинска агенција „Спутник“ и англискиот, германскиот, францускиот и шпанскиот канал на „Раша тудеј“.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, објасни дека таква одлука би требало да ја прекине „системската манипулација со информации и дезинформации на Кремљ кои ја применуваат како оперативно оружје во нападот на Украина“.
Со пресудата на судот на ЕУ потврдено е дека санкциите „со цел запирање на активностите на пропагандните средства за поддршка на воената агресија, не го прекршија општиот принцип на слободната на изразување“.
Наведено е дека ограничувањата на правата на „Раша тудеј“ да биде сослушана „се пропорционални, неопходни и одговараат на целите по кои се тежнее“, и покрај „исклучителниот контекст и итноста во кои се усвоени спорните акти“.
ЕУ воведе седум пакети санкции на Русија од почетокот на војната на таа земја против Украина на 24 февруари.