Ekipa
16 Април 2023•Ажурирај: 17 Април 2023
КАРТУМ (АА) - Бројот на загинати во судирите меѓу суданската војска и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) порасна на 56, додека повредени се 595 лица, соопшти утрово Централниот комитет на суданските лекари, јавува Анадолу.
Комитетот ги повика паравоените сили и суданските вооружени сили да отворат хуманитарни коридори за да овозможат евакуација на повредените, особено меѓу цивилите, за време на судирите, како и за бубрежно болните пациенти.
„Ги повикуваме сите сили да отворат безбедни излези за пациентите од центарот за дијализа во близина на командата на армијата во Картум“, се порачува во соопштението.
Во меѓувреме, судирите меѓу двете страни продолжуваат втор ден по ред во различни делови на главниот град Картум, а особено кај или близу Генералштабот на армијата.
Војската истакна дека напредувала кон базите на паравоените сили во Картум и во други делови на земјата.
Во соопштението се вели дека војниците ги контролираат базите во Омдурман, збратимениот град на Картум преку реката Бел Нил, додавајќи дека армијата наскоро ќе стави крај на судирите.
Паравоените сили ја демантираа суданската армија, нагласувајќи дека судирите сѐ уште траат.
Паравоената група истакна дека нејзините сили синоќа собориле воен авион.
За Анадолу, очевидци во Картум изјавија дека стотици луѓе, меѓу кои и над 400 школски деца, се задржани во центарот на Картум, каде што се водат интензивни судири во близина на Генералштабот на армијата.
Обединетите нации (ОН) соопштија дека тројца хуманитарци биле убиени во Кабкабија во Северен Дарфур.