Büşra Selvi Öğütcen
31 Март 2017•Ажурирај: 31 Март 2017
ЗАМБОАНГА (АА) - Во северниот дел на Филипините, во подрачјето на Лузон, припадниците на војската се судрија со комунистичките бунтовници. Во судирите животот го загубија 2 војници и 10 бунтовници, јавува Anadolu Agency (AA).
Командантот на 80. пешадиски баталјон, полковник Рандолф Кабангбанг информираше дека во селото Лумутан, кое е сместено во близина на градот Куезон од областа Лузон, војската спровела акција во којашто дошло до судир со 30 членови на Новата народна армија, која е воено крило на Филипинската комунистичка партија.
Кабангбанг соопшти дека во судирот загинале двајца војници, а ранети се двајца.
Полковник Кабангбанг истакна дека операцијата продолжува и дека во судирот има загинати и меѓу бунтовниците.
Според веста на „ГМА Њуз“, командантот на 2. пешадиска дивизија, Генерал Родерик Парајно изјавил дека во судирите загинале 10 бунтовници.
Владиниот претставник за мир, Силвестре Бело, на организираната прес-конференција истакна дека по судирот немаат намера да одговорат на очекуваното еднострано прогласување прекин на огнот од страна на комунистичките бунтовници. Бело изјави дека засега не постои причина за прогласување едностран прекин на огнот, додавајќи дека претседателот Родриго Дутерте повеќе претпочита заеднички договор за прекин на огнот.
Бело рече дека се сомнева оти бунтовниците ќе прогласат прекин на огнот.
Според веста објавена во локалните медиуми, на минатонеделната средба меѓу владата од Манила и претставниците на бунтовниците, страните се договориле од 2. до 6. април да започне четвртата фаза од мировните преговори.
Во провинцијата Котабато, која се наоѓа во северниот дел на земјата, бунтовниците, членови на Новата народна армија, на 18. март се судриле со војската, при што животот го загубиле осуммина војници и еден бунтовник.
Третата фаза од мировните преговори за Филипините започнаа на 17. март во Рим, главниот гран на Италија. Владиниот претставик за мир, Бело, рекол дека е потребно да се воспостави прекин на огнот со Новата народна армија, додека портпаролот на Националниот демократски фронт, политичкото крило на Филипинската комунистичка партија, Фидел Агкаојли истакнал дека прекинот на огнот зависи од владата, и повторил дека се бара да бидат ослободени 400 политички затвореници.