Mahmoud Barakat
25 Декември 2018•Ажурирај: 26 Декември 2018
КАРТУМ (АА) - Суданските безбедносни сили денес спречија одржување на масовен протест во близина на претседателската палата во главниот град Картум, јавува Anadolu Agency (AA).
Локални извори јавуваат дека илјадници демонстранти марширале до палатата на суданскиот претседател Омар ал Башир од кого бараат да поднесе оставка и да отстапи од функцијата.
Полицијата употреби солзавец за да ги разбрка демонстрантите.
Уапсени се десетици демонстранти.
Суданскиот претседател Ал Башир, кој е на власт од 1989 година, вчера вети дека ќе спроведе економски реформи како резултат на протестите поради зголемувањето на цените и недостигот на основните продукти.
Од почетокот на протестите низ Судан од минатата недела загинаа најмалку 8 лица.
Судан е земја со околу 40 милиони жители, која и понатаму закрепнува од судирите и сецесијата на Јужен Судан. Главен извор на приходите на Судан е продажбата на нафта. Со одвојувањето на Јужен Судан во 2011 година, Судан остана без три четвртини од производството на нафта.