Ekip
03 Август 2019•Ажурирај: 04 Август 2019
КАРТУМ
Преодниот воен совет (TMC) на Судан и Опозицискиот сојуз на силите на слободата и промената (FFC) постигнаа конечен договор за поделба на власта, изјави утринава Мохамед Хасан Лебат, посредник на Африканската Унија, пренесува Аnadolu Agency (AA).
Лебат, по долгите преговори меѓу Преодниот воен совет на Судан и опозицијата, за новинарите во Картум изјави дека двете страни се согласиле околу уставната декларација, која се смета за клучна пресвртна точка.
„Му честитаме на суданскиот народ и веруваме дека ова е историски момент за Судан. Денеска објавуваме дека за неколку дена на голема церемонија ќе биде претставен конечниот договор меѓу Преодниот воен совет и Опозицискиот сојуз на силите на слободата и промената“, изјави тој.
Овој договор се смета за напредок кон поделбата на власта во Судан меѓу војската и цивилите, по соборувањето на претседателот Омар ал Башир.
Судан е во нестабилна состојба од 11 април оваа година, кога военото водство најави соборување на Башир, по повеќемесечни народни протести против неговото 30-годишно владеење.