Ekip
28 Март 2025•Ажурирај: 30 Март 2025
Суданската Армија ја презеде контролата врз Меѓународниот аеродром во Картум, кој беше база на Силите за брза поддршка (РСФ), јавува Анадолу.
Поради судирите, авионите паркирани на аеродромот и објектите претрпеа сериозни оштетувања.
Суданската Армија презеде контрола над поголемиот дел од главниот град Картум, по повеќе од 23 месеци судири со РСФ.
Армијата доцна синоќа соопшти дека нејзините војници успеале да ги исчистат последните елементи на отпорот од паравоените сили за брза поддршка (РСФ) во гувернатот Картум.
„Денеска нашите сили успешно ги исчистија последните елементи на терористичката милиција РСФ во гувернатот Картум со сила и одлучност“, објави Армијата преку соопштение.
Армијата соопшти дека „милицијата на РСФ шири гласини за повлекување од Картум како дел од договорот со суданската Влада“, што таа го негираше.
РСФ не ја коментираше изјавата на Армијата.
Претседателот на Суданскиот суверен совет, Абдел Фатах ал-Бурхан, во средата го прогласи главниот град Картум за „слободен“ откако неговите сили ги протераа РСФ од градот.
Контролата на територија на РСФ рапидно се намалува во последниве недели, откако Армијата ги поврати областите низ суданските држави Картум, Ал-Џазира, Белиот Нил, Северен Кордофан, Сенар и Синиот Нил.
Армијата и РСФ се во војна од средината на април 2023 година во која загинаа над 20.000 луѓе, а раселени се 14 милиони, според податоците на Обединетите нации (ОН) и суданските власти. Истражувањата на американските универзитети, сепак, проценуваат дека бројот на загинати е околу 130.000.
Меѓународната заедница и ОН повикаа на прекин на војната, предупредувајќи на претстојна хуманитарна катастрофа бидејќи милиони се соочуваат со глад и смрт поради недостиг на храна. Конфликтот се прошири во 13 од 18 судански држави.