İbrahim Khazen
18 Април 2023•Ажурирај: 19 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси денес изјави дека неговата земја „нема да се меша во внатрешните работи на Судан и ќе продолжи со напорите за постигнување прекин на огнот“, јавува Анадолу.
„Тоа што се случува во Судан е внатрешно прашање и не треба да се мешаме во него“, рече Ал-Сиси во телевизискиот говор за време на состанокот на Врховниот совет на египетската армија.
Тој ја потврди подготвеноста на неговата земја да „игра позитивна улога за да се постигне смиреност и да се вратат безбедноста и стабилноста во Судан“.
„Императив е конфликтните судански страни да седнат на преговарачка маса... за да го поштедат Судан од дополнително влошување“, рече египетскиот претседател.
„Ние сме во контакт со суданската армија и со силите за брза поддршка (РСФ), со цел да поттикнеме прекин на огнот, што ќе доведе до преговори за враќање на почетната стабилност“, додаде тој.
Ал-Сиси истакна дека „акцентот е ставен на сигурноста и на безбедноста на египетските војници во Судан“.
Египетската армија во саботата објави дека група нејзини војници „спроведуваат заедничка обука со нивните колеги во Судан и дека во тек е координација за нивно обезбедување“.
Ал-Сиси нагласи дека египетските војници „биле присутни во согласност со протоколот за заедничка обука, а не за да поддржат или свртат една страна против друга“.
Борбите избија во саботата меѓу суданската армија и паравоената РСФ во главниот град Картум и неговата околина.
Според ОН, во неодамнешните судири меѓу воените соперници загинале повеќе од 180 луѓе, а 1.800 се повредени.