Rania R.a. Abushamala
06 Август 2025•Ажурирај: 06 Август 2025
Стотици поранешни израелски шефови за безбедност и дипломати денес го предупредија премиерот Бенјамин Нетанјаху да не продолжува со плановите за целосна реокупација на Појасот Газа, пренесува Анадолу.
Во соопштението објавено на X движењето Команданти за безбедност на Израел (ЦИС) – во кое се вклучени повеќе од 550 поранешни високи претставници од војската, Мосад, Шин Бет, полицијата, Советот за национална безбедност и Министерството за надворешни работи – го повика Нетанјаху „да не избрзува со брза одлука за окупирање на Газа“.
Повторната окупација на Газа „е спротивна на професионалниот совет на началникот на армијата (Ејал Замир) и ставот на повеќето Израелци“, предупредија тие.
Движењето тврди дека целосната окупација би ги загрозила израелските војници и заложници, наведувајќи дека постојат регионални и меѓународни алтернативи за кои Владата одбива да разговара.
Тие повикаа на „враќање на заложниците, завршување на војната, замена на владеењето на Хамас, приклучување кон регионален сојуз и подготовка за потенцијална втора војна со Иран“.
Предупредувањето доаѓа во време кога Нетанјаху продолжува со плановите за повторно окупирање на Газа, а Кабинетот за безбедност треба да се состане утре (четврток) за да разговара за овој потег. Началникот на израелската армија се спротивстави на секој план за целосна реокупација на Газа, нарекувајќи го „стратегиска стапица“.
Израелската опозиција и семејствата на заложниците го обвинуваат Нетанјаху за намерно одложување на прекинот на огнот во Газа и размена на затвореници во корист на делумни договори што овозможуваат војната да продолжи и служат за одржување на неговата кревка коалиција.
Израел се соочува со растечки гнев од светот поради својата деструктивна војна во Газа, каде што од октомври 2023 година се убиени над 61.100 Палестинци. Воената кампања ја опустоши енклавата и ја доведе до работ на глад.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.