Ekipa
01 Ноември 2019•Ажурирај: 02 Ноември 2019
ГАЗА (АА) - Стотици Палестинци низ Појасот Газа се упатија денеска кон безбедносната ограда со Израел за да учествуваат на неделните протести против израелската окупација, познати како Големиот марш на враќање, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите од сите делови на Појасот Газа се упатија кон источните области на крајбрежната енклава, подигнувајќи ги палестинските знамиња.
Вишата национална комисија на Големиот марш на враќање и рушењето на опсадата на Газа, формирана од палестинските фракции, овопеточните протести ги именува како „Долу, заедно со Балфоровата декларација!“.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касим, истакна дека „Големиот марш на враќање ја одразува волјата на народот и ја искажува свеста на Палестинското национално движење“.
Балфоровата декларација е всушност писмо испратено од тогашниот британски министер за надворешни работи, Артур Џејмс Балфор, до лордот Волтер Ротшилд, познат ционистички лидер, на 2 ноември 1917 година.
Во писмото Балфор ја истакна поддршката на неговата влада за „национален дом за еврејскиот народ“ во Палестина.
Од почетокот на протестите во Газа во март минатата година, животот го изгубија речиси 270 демонстранти, а илјадници се повредени поради реакцијата на израелските сили во областите каде што се наоѓа безбедносната ограда.
Демонстрантите бараат ставање крај на 12-годишната блокада на Израел кон Појасот Газа, која ја уништи економијата на крајбрежната енклава, ги лиши нејзините 2 милиони жители од слободно движење во и надвор од Газа и оневозможи влез на многу основни животни потреби.