Fuat Kabakcı
01 Ноември 2019•Ажурирај: 04 Ноември 2019
ПЕКИНГ (АА) - Кинеската Влада ја забрани продажбата на електронски цигари преку интернет, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во заедничкото соопштение објавено од страна на Државната управа за надзор и регулирање на пазарот и Управата за монопол на државниот тутун (STMA), поврзана со кинескиот Државен совет, се истакнува дека е забранета продажбата на електронските цигари преку интернет и мобилните апликации што се користат во е-трговијата.
Во соопштението се наведува дека забраната за продажба на електронските цигари е донесена за да бидат заштитени помладите.
Исто така, се упати повик до компаниите кои произведуваат и продаваат електронски цигари што е можно поскоро да ги затворат веб-страниците од каде што ги продаваат и да се повлечат рекламите за е-цигари.
Управата за монопол на државниот тутун во септември соопшти дека поради штетноста за здравјето на луѓето, според одредени стандарди ќе бидат издадени прописи за регулирање на продажбата на електронските цигари.
Кина минатата година на 18 август ја забрани продажбата на е-цигари на лица помлади од 18 години. Според податоците на Светската здравствена организација, во Кина, која е најголемиот светски пазар на тутун, има повеќе од 300 милиони зависници од цигари.