Michael Gabriel Hernandez
27 Февруари 2024•Ажурирај: 28 Февруари 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Стотици луѓе дојдоа синоќа пред израелската амбасада во Вашингтон за да му оддадат почит на американскиот војник што почина откако се самозапали во знак на протест против израелската војна во Газа, јавува Анадолу.
Многумина изразија надеж дека смртта на Арон Бушнел (25), активен припадник на американските воздухопловни сили, ќе предизвика промена во непоколебливата поддршка на американскиот претседател Џо Бајден за израелската војна.
Леа, Американка со палестинско потекло, за Анадолу изјави дека верува оти за неа е важно да присуствува на бдеењето „за да покаже солидарност и поддршка со оние што преземаат екстремни акти на отпор за да ги покажат својата солидарност и поддршка со Палестина“.
На прашањето дали верува дека смртта на Бушнел ќе го смени текот на војната, таа рече дека се надева на тоа.
Џозефин Гилбо, поранешен воен разузнавач, за Анадолу изјави дека дошла од Охајо затоа што верува дека „смртта на Бушнел не може да биде залудна“.
„Неговата порака мора да излезе во јавност. Исто така, треба да бидеме сигурни дека поддржуваме секого што е како Арон, кој има исти чувства, инаку како треба да се носиме со геноцидот?“, праша Гилбо.
22-годишната Џени Розмари од Вирџинија рече дека фаталниот протест на Бушнел „бил екстремен чин, но морален“.
„Може само да се надеваме дека ќе бидеме толку храбри. За да се дојде до оваа точка, потребно е големо игнорирање од страна на американската Влада“, рече Розмари.
Арон Бушнел, американски војник кој се самозапали пред израелската амбасада во Вашингтон, велејќи дека „нема да учествува во геноцидот“ во Газа, почина во болница.
Метрополитенскиот полициски оддел на Вашингтон објави соопштение во кое потврди дека 25-годишниот Бушнел починал откако се самозапали пред израелската амбасада.
Активениот припадник на американските воздухопловни сили во неделата се самозапали пред израелската амбасада во Вашингтон во знак на протест против војната во Газа, јавија голем број американски медиуми.
„Веќе нема да бидам соучесник во геноцидот. Ќе се вклучам во екстремен чин на протест, но во споредба со она што го доживуваат луѓето во Палестина од рацете на колонизаторите, ова воопшто не е екстремно. Ова е она што нашата владејачка елита одлучи дека ќе биде нормално“, рече 25-годишниот Арон Бушнел пред да се самозапали.
Видеото што го прикажува неговиот протест и моментот кога Бушнел се запали стана вирално.
Пожарот беше изгаснат од персоналот на Тајната служба, а подоцна Бушнел бил пренесен во болница со „критични повреди опасни по живот“, каде што почина.
Неговите последни зборови беа: „Слободна Палестина.“