Oliver Towfigh Nia
08 Април 2024•Ажурирај: 09 Април 2024
БЕРЛИН (АА) - Стотици германски државни службеници испратија отворено писмо до канцеларот Олаф Шолц, во кое го повикуваат него и другите министри веднаш да ја прекинат испораката на оружје за израелската Влада, пренесува Анадолу.
„Германија мора одлучно и недвосмислено да повика на итен прекин на огнот во Појасот Газа. Германија мора веднаш да ја прекине испораката на оружје на израелската Влада“, се наведува во писмото објавено на веб-страницата „Freiheitsliebe“.
Се додава дека „Израел врши злосторства во Газа што се во јасна спротивност со меѓународното право, а со тоа и со (германскиот) Устав, кој сме должни да го почитуваме како федерални државни службеници и јавни службеници“.
Државните службеници ја критикуваа цврстата поддршка на Берлин за контроверзната политика на Израел на палестинските територии.
„Сојузна Република Германија ја поддржува политичката, економската и воената политика на Израел во Газа и другите окупирани палестински територии кршејќи го меѓународното право. Затоа, наша должност е како федерални службеници да ја критикуваме оваа политика на федералната влада и да потсетиме дека федералната влада мора строго да ги почитува Уставот и меѓународното право“, истакнаа тие.
Берлин е еден од најсилните поддржувачи на израелската воена офанзива во Газа, и покрај зголемениот притисок на јавноста. Канцеларот Шолц повеќепати изјави дека Германија сноси посебна одговорност кон Израел поради нејзиното нацистичко минато.
Берлин одобри извоз на оружје за Израел во вредност од 326,5 милиони евра во 2023 година, од кое повеќето беше одобрено по 7 октомври 2023 година, што е десеткратно зголемување во однос на 2022 година.