Selen Temizer
23 Март 2022•Ажурирај: 24 Март 2022
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека употребата на нуклеарно оружје би ја сменила природата на војната и ѝ порача на Русија дека не може да победи во нуклеарна војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг на прес-конференцијата во седиштето на НАТО во Брисел, Белгија, пред утрешниот Самит порача дека руската употреба на хемиско оружје во Украина би имала далекусежни последици.
Тој нагласи дека употребата на нуклеарно оружје, исто така, би ја променила самата природа на војната.
Столтенберг рече дека НАТО има одговорност да обезбеди војната да не се прошири надвор од границите на Украина.
Истакнувајќи дека НАТО е против прогласувањето зона на забранети летови, Столтенберг додаде дека тоа би довело до војна од широки размери со НАТО.
Тој напомена дека на утрешниот Самит ќе се зборува и за улогата на Кина во украинската криза, истакнувајќи дека сојузниците се загрижени дека „Кина би можела да пружи финансиска поддршка на Русија за инвазијата“ во Украина.
Истакна дека членството на Украина нема да биде на дневниот ред на утрешниот Самит.
Столтенберг во обраќањето, исто така, вети поддршка на Молдавија, Грузија и Босна и Херцеговина.
Лидерите на 30-те земји членки на Северноатлантскиот сојуз (НАТО) ќе се состанат утре во Брисел за да разговараат за ситуацијата настаната по рускиот напад врз Украина и долгорочниот став на НАТО во Источна Европа.
Самитот ќе се одржи во седиштето на НАТО, а се очекува на лидерите да им се обрати и украинскиот претседател Владимир Зеленски, кој, според најавите, ќе побара прогласување зона на забранети летови во Украина со набавка на систем за противвоздушна одбрана.
Тоа ќе биде вонреден самит, кој пред две недели го најави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
НАТО во ноември минатата година започна да го зголемува военото присуство на истокот на Европа, што беше одговор на концентрирањето на руска војска на границите на Украина. Тој процес на зајакнување на присуството на НАТО дополнително е интензивиран по 24 февруари и почетокот на рускиот напад врз Украина.
Борбените единици на НАТО се распоредени во балтичките земји, како и во Романија, каде што досега не биле.
Министрите за одбрана на членките на НАТО на 16 март одржаа вонреден состанок кој беше своевидна подготовка на утрешниот Самит на лидери, на кој ќе присуствуваат и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Џо Бајден.