Enes Canlı,Gamze Türkoğlu Oğuz
04 Јуни 2020•Ажурирај: 05 Јуни 2020
АНКАРА
На средбата закажана во Анкара, меѓу претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и премиерот на Либија, Фаиз ес-Сараџ, ќе бидат разгледани последните случувања во источниот дел на Либија каде што се запрени нападите на нелегалните вооружени сили од источниот дел на Либија предводени од Калифа Хафтар и се принудени на повлекување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Додека легитимната Влада на Либија и нејзината армија продолжуваат да постигнуваат значаен напредок во безбедноста и стабилноста на земјата, притоа ослободувајќи големи територии, благодарение на соработката со Турција на полето на одбраната, денеска премиерот на Либија, Фаиз ес-Сараџ, во Анкара ќе одржи важна средба со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Во периодот кога Хафтар напредуваше и беше пред влегувањето во главниот град Триполи, Владата на Либија која е призната од Обединетите нации (ОН), побара помош од Турција на полето на одбранаата, по што беше спречено влегувањето во Триполи.
Силите на Хафтар не го почитуваа примирјето договорено на иницијатива на Турција и Русија, на конференцијата во Берлин на 12 јануари, поради што војската на Либија на 25 март ја започна операцијата „Бура на мирот“.
Продолжуваат операциите на либиската војска која забрзано ги потиснува силите на Хафтар.
Либиската војска која истовремено забележува напредок на просторот на Мисрата јужно од главниот град и западно од Триполи, значајна поддршка добива од воздух благодарение на вооружените беспилотни летала.
Во овој период, Турција и нејзините вооружени беспилотни летала привлекоа големо внимание на меѓународната сцена.
Најважните достигнувања на операцијата во последниот период беа чистењето на 3.000 квадратни километри територија од силите на Хафтер, од западниот дел на Триполи до границата со Тунис, од крајот на март до средината на април.
Додека либиската армија, на 18 мај од Хафтар успеа да ја врати стратешката воздушна база „Ватија“, која се наоѓа во западниот дел на земјата, вооружените беспилотни летала уништија бројни системи за воздушна одбрана што Обединетите Арапски Емирати им ги дадоа на нелегитимните сили предводени од Хафтар.
Во мај започнаа операции за разбивање и принудување на повлекување на силите на Хафтер лоцирани јужно од главниот град со цел заштита на цивилите во Триполи. Во тие операции беа заземени голем број стратешки воени кампови.
Во меѓувреме, елементите на „Вагнер“, познати како руски платеници, го напуштија регионот.
Последен успех на либиската војска е ослободувањето на аеродромот во Триполи од рацете на Хафтар.
Благодарение на поддршката од страна на Турција, војската на Либија, почнувајќи од денеска, премина во нова фаза, воспоставувајќи контрола врз целата област на главиот град Триполи.
При посетата на Сараџ на Анкара, повторно ќе бидат разгледани сите преземени чекори од страна на Турција кои беа пресудни за развојот на настаните во Либија, во рамките на поставената цел за „постигнување политичко решение што ја опфаќа цела Либија“.
Откако на почетокот од неделата Обединетите нации објавија дека завојуваните страни во Либија прифатиле да ги продолжат средбите за прекин на огнот, во агендата на двајцата лидери се и евентуалните случувања на полето на дипломатијата.
Страните ќе разменат мислења во врска со патоказот кој треба да ги утврди нивните напори за изнаоѓање политичко решение.
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, вчера упати предупредување до Хафтар, лидерот на нелегитимните сили: „Ослободувањето на крајбрежниот појас од Триполи до Тунис, заземањето на меѓународниот аеродром, напредокот од воздух и копно, всушност се показател дека Хафтар не може да ја добие оваа војна.“