Emre Aytekin
17 Март 2019•Ажурирај: 18 Март 2019
За време на терористичките напади по петочната молитва врз две џамии во градот Крајстчрч, на Нов Зеланд, Абдул Азиз, кој му се спротивстави на терористот пред џамијата „Линвуд“, успеал да го оддалечи напаѓачот од пред џамијата, спасувајќи десетици животи, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста објавена на интернет-страницата на австралиската јавна радиодифузна агенција „Еј-би-си“ (ABC), Абдул Азиз (48), мигрант од Авганистан кој по 25 години живеење во Австралија, пред неколку години се преселил на Нов Зеланд, успеал невооружен да му се спротивстави на терористот Брендон Тарант и го спречил да ги масакрира лицата кои ја извршувале петочната молитва во друг дел од џамијата.
Азиз го следел терористот кој се упатил кон возилото, приморувајќи го да се оддалечи од џамијата.
Терористот, по извршениот масакр во џамијата „Ал Нур“, во која свирепо уби 42 лица, со своето возило се упатил до 5 километри подалеку лоцираната џамијата „Линвуд“, каде што уби 7 лица, но со храбриот став на Азиз кој му се спротивставил, спречен е поголем масакр.
Латиф Алаби, имамот на џамијата „Линвуд“, за настанот го рече следното:
„Во 13:55 часот однадвор се слушнаа некакви гласови, ја прекинав молитвата и погледнав од прозорецот кон надвор. Видов едно лице во воена униформа со шлем на главата. Помислив дека е полицаец. Потоа видов двајца како лежат на земја и извикуваа пцости кон униформираното лице. Тогаш разбрав дека станува збор за нешто друго. Тој беше убиец. Во џамијата имаше околу 80 лица. На луѓето им викнав „Легнете на земја!“ Настана двоумење. Се скрши еден прозорец и едно лице падна на земја. Потоа нашиот брат (Абдул Азиз) излезе, му се спротивстави на терористот, успевајќи да го оддалечи. Се спасивме, благодарение на него. Доколку влезеше во просторијата, сите ќе бевме мртви.“
- На терористот фрли ПОС-терминал
Азиз изјави дека откако ги слушнал звуците на оружје, излегол надвор и со цел да му го привлече вниманието на терористот, му викнал „Еј, дојди ваму!“
Азиз во обид да му се спротивстави, на терористот фрлил ПОС-терминал, по што терористот се упатил кон сопственото возило за да земе друго оружје, а Азиз тргнал по него.
- Игра на мачка и глушец
Според веста на „Еј-би-си“, Азиз слушнал како неговите два сина на 11 и 5-годишна возраст го довикувале „Тато, дојди тука!“ Терористот зел ново оружје и почнал одново да пука. Овој пат негова цел бил Азиз. Азиз, движејќи се меѓу возилата, успеал да се спаси. Меѓу терористот и Азиз започнала игра како меѓу „мачка и глушец“.
Движејќи се меѓу автомобилите, Азиз пронашол револвер кој го испуштил терористот. Веднаш го зел и го вперил кон напаѓачот, но револверот бил празен. Кога терористот тргнал кон својот автомобил по ново оружје, Азиз го фрлил револверот кон него, при што скршил прозорец од автомобилот. Терористот го фатила паника од парчињата стакло што се разлетале наоколу и влегувајќи во автомобилот, се оддалечил од местото. Азиз го следел автомобилот до семафорите, од каде што терористот направил У-вртење и си заминал.
- „Значи, не ни дошло времето“
Азиз изјавил дека воопшто не се исплашил за својот живот, истакнувајќи дека дејствувал како да бил врзан на автоматски пилот.
На прашањето дали се зачудил што останал жив, Азиз одговорил „Судбина. Значи, Господ помислил дека не ни дошло времето за умирање.“