ЖЕНЕВА (АА)
- Мухамет ИКБАЛ АРСЛАН
Специјалниот известувач на Обединетите нации (ОН) за човекови права за прашањата против тероризмот, Бен Саул, рече дека е очигледно оти Израел не го почитува меѓународното хуманитарно право додека врши непропорционални напади врз блокираниот Појасот Газа, пишува Анадолу.
Саул ги коментираше настаните во Газа, израелските напади и кршењето на меѓународното право во онлајн интервју со новинарот на Анадолу.
Зборувајќи дека повеќе од 30.000 луѓе се убиени и повеќе од 70.000 Палестинци се ранети во израелските напади во Појасот Газа од 7 октомври, Саул рече дека според тоа, повеќе од 100.000 луѓе се убиени или повредени во палестинската енклава со население од само 2,3 милиони жители.
Саул потсети дека Израел извршил брутален напад и врз болничкиот комплекс Ал-Шифа, најголемиот медицински комплекс во Појасот Газа.
„Хуманитарната ситуација во Појасот Газа е исклучително тешка. Според ОН, половината од населението, приближно 1,1 милион луѓе, во Газа се соочуваат со катастрофална глад. Остатокот од населението се соочува со сериозен недостиг на храна. Сè уште нема доволно хуманитарна помош. Израел не ја исполнува својата меѓународна обврска да го олесни влезот на помошта. Помошта е таму, на границите и во камиони, но Израел не дозволува нејзин влез“, рече Саул.
Тој потсети дека седум работници на хуманитарната организација Светска централна кујна (СЦК) во Газа беа убиени во напад на израелската армија оваа недела и додаде дека Газа не е безбедна зона за работа на хуманитарните работници.
„Вработените во СЦК му ја пријавија на Израел својата локација и маршрутата. Израел го знаеше тоа и им даде дозвола да се движат. Израел сепак ги нападна нивните возила и ги уби“, рече Саул, додавајќи дека Израел користи различни изговори за да ја блокира испораката на многу потребната помош во Газа.
Саул рече дека во оваа ситуација, секој начин на доставување помош во Газа е добредојден, но дека испораката на конвои по копно е многу поефикасен начин од испораката отколку по море или воздух.
Потсетувајќи дека на 28 март, Меѓународниот суд на правдата (МСП) издаде итни мерки со кои му наложи на Израел да обезбеди непречена испорака на хуманитарна помош во Газа, Саул рече дека судот, исто така, побарал Израел да отвори повеќе копнени порти за дистрибуција на помошта.
„Израел упорно одбива да се придржува кон своите обврски според меѓународното хуманитарно право, обврзувачките прелиминарни пресуди на МСП и резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара прекин на огнот за време на Рамазан и овозможи поголема помош да влезе во Газа. МСП минатата недела донесе друга одлука и фактот дека мораше да го направи тоа е доказ дека не верува дека Израел ги почитува своите обврски“, рече Саул.
Посочувајќи дека израелските напади врз Газа продолжуваат шест месеци, Саул рече дека е несомнено дека Израел во овој момент не го почитува меѓународното право.
Саул нагласи дека е јасно дека Израел извршил многу воени злосторства и дека Израел врши намерни напади врз цивили и цивилен имот.
Известувачот на ОН потсети дека Советот за безбедност на ОН и меѓународната заедница имаат одговорност и обврска да преземат чекори против Израел.
„Земјите треба да преземат посериозни чекори, вклучително и итно суспендирање на трансферите на воен материјал и помош за оружје за Израел. Ова треба да вклучи воведување воени санкции, како и потенцијални дипломатски, финансиски и економски санкции. Ова ќе испрати порака до Израел дека неговите постапки се неприфатливи според меѓународното право“, порача Саул.
Саул, исто така, потсети дека високите израелски воени и политички лидери дале изјави кои претставуваат директно и јавно поттикнување на геноцид. Тој додаде дека тие се дел од случајот што Јужна Африка го покрена против Израел пред МСП.
Тој, исто така, смета дека е многу вреден и важен извештајот „Анатомија на геноцид“, кој специјалната известувачка на ОН за Палестина, Франческа Албанезе, го достави до Советот за човекови права на ОН на 26 март.
Саул ги повика сите држави да дадат поддршка и да соработуваат во истрагите на меѓународните кривични судови.
news_share_descriptionsubscription_contact
