Mustafa Deveci
22 Јануари 2025•Ажурирај: 23 Јануари 2025
АНКАРА (АА) - Специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН) за Палестина, Франческа Албанезе, предупреди дека доколку Израел не биде запрен, може да го пренесе геноцидот што го изврши во Појасот Газа на окупираниот Западен Брег, известува Анадолу.
Албанезе напиша објава на својот профил на социјалните мрежи во врска со големиот напад што израелската Армија го изврши вчера врз бегалскиот камп Џенин на северот на Западниот Брег.
Истакнувајќи дека израелската Армија извршила напад врз бегалскиот камп Џенин по прекинот на огнот во Газа, Албанезе во објавата наведе дека во вчерашните напади животот го загубиле 10 Палестинци.
Реагирајќи на израелската офанзива врз Западниот Брег, таа во објавата вели:
„Доколку не биде принуден да запре, израелскиот геноцид врз Палестинците нема да остане ограничен само на Газа.“
Десет Палестинци, меѓу кои и едно дете, ги загубија животите, а 35 лица беа повредени во големите напади што израелската Армија ги започна вчера врз бегалскиот камп Џенин.
Продолжуваат нападите на израелските војници, кои освен со воени возила, во бегалскиот камп Џенин влегоа и со градежни возила.