İlhan Toprak
03 Септември 2016•Ажурирај: 03 Септември 2016
ХАНГЏОУ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Бан Ки-мун се состанаа во кинескиот град Хангџоу каде што разговараа, меѓу останатото, за ситуацијата во Сирија и во Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган го информираше Бан Ки-мун за офанзивата „Штитот на Еуфрат“, која се спроведува од 24 август, а има за цел борба против терористичката организација ДАЕШ.
Како што наведуваат изворите од Канцеларијата на претседателот на Турција, состанокот е одржан пред почетокот на Самитот Г-20, кој во кинескиот град Хангџоу ги собра претседателите и премиерите од околу 20 земји од светот.
Ердоган и Бан разговараа за ситуацијата на Блискиот Исток, за воспоставувањето примирје во Сирија, за хуманитарната помош во Алепо, но и за климатските промени.
Турскиот претседател зборуваше за влошувањето на хуманитарната ситуација во Сирија, но ја изрази и поддршката на Турција во напорите на ОН во врска со хуманитарната помош во ова подрачје.
Бан повторно го осуди обидот за државен удар во Турција на 15 јули.