Советот на ЕУ се договори за заедничка позиција за новиот закон за дигитална апликација за патување
- Преку мобилната компонента, граѓаните на ЕУ и државјаните на трети земји ќе можат да создадат дигитална копија од податоците на нивниот пасош или лична карта. Учеството ќе остане доброволно.
БРИСЕЛ (АА) – Земјите членки на Европската Унија (ЕУ) денес ја одобрија преговарачката позиција на Советот на ЕУ за новиот закон што ќе воведе дигитална апликација за патувања, овозможувајќи патниците да ги доставуваат своите податоци пред пристигнување на надворешните граници на Унијата, јавува Анадолу.
Според соопштението, регулативата која ја усвоија претставниците на членките во Комитетот на постојаните претставници (Coreper) поставува правила за доброволно создавање дигитални патни креденцијали и нивна употреба при премин на надворешните граници на ЕУ.
Планот предвидува патниците дигитално да ги достават своите информации пред патување, со што граничните служби ќе можат однапред да ги проверат патните документи и да извршат безбедносни проверки во базите на податоци за граници, полиција и миграција.
Според официјалните лица на ЕУ, ова ќе ги скрати редиците и ќе ја зајакне безбедносната контрола на премините.
Дигиталниот систем ќе се состои од мобилна апликација, бекенд-сервис за валидација и „рутер за патници“ управуван од eu-LISA.
Преку мобилната компонента, граѓаните на ЕУ и државјаните на трети земји ќе можат да создадат дигитална копија од податоците на нивниот пасош или лична карта. Учеството ќе остане доброволно.
Бекенд-системот ќе го проверува електронски чипот на патниот документ за да потврди дека дигиталната верзија одговара на автентичен документ, додека рутерот за патници ќе овозможи безбедно споделување на дигиталните креденцијали со граничните власти.
Патниците кои ќе ја користат апликацијата ќе можат однапред да ги поднесат своите документи, овозможувајќи граничните службеници да ги насочат ресурсите кон случаи што ќе бидат означени како сомнителни.
Советот соопшти дека алатката ќе ги поддржи и постојните системи за управување со границите на ЕУ. Патниците ќе можат да ги користат дигиталните креденцијали и при доставување информации во Системот за влез/излез (EES), кој стана оперативен во октомври 2025 година.
Кога ќе биде лансиран ЕТИАС во 2026 година, граѓаните од трети земји ќе можат да се потпрат на дигиталните креденцијали при аплицирање за патна дозвола или визи.
Со усвојувањето на заедничката позиција, претседателството со Советот е подготвено да започне преговори со Европскиот парламент, откако европратениците ќе ја усвојат својата преговарачка платформа.
Според Европската комисија, во 2022 година биле регистрирани 593 милиони преминувања на надворешните граници на ЕУ, што создава голем притисок врз граничните служби и предизвикува долги редици за патниците.
Новата дигитална апликација има за цел да го намали овој товар со поедноставување на процедурите и подобрување на проверките на автентичноста на документите.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
