Ata Ufuk Şeker
05 Октомври 2021•Ажурирај: 06 Октомври 2021
БРИСЕЛ
Европската Унија (ЕУ) од својата црна листа на земји кои не соработуваат во областа на даночното поле избриша 3 држави, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Европскиот совет соопшти дека е ажурирана листата на земји кои не соработуваат во даночното поле.
Соодветно на тоа, Ангила, Доминика и Сејшели, кои претходно беа на даночната црна листа на ЕУ, се избришани од списокот со образложение дека дејствувале „во голема мера усогласено“ во однос на споделувањето податоци ако се побара.
На црната листа на ЕУ на земји кои не соработуваат во однос на данокот се вклучени земјите Американска Самоа, Фиџи, Гуам, Палау, Панама, Самоа, Тринидад и Тобаго, Американските Девствени Острови и Вануату.
Ажурирана е и „сивата листа“ на земјите кои се посветени на усогласување на даночните прописи со правилата на ЕУ.
Ангила, Доминика и Сејшели, кои беа на црната листа, се додадени на сивата листа, заедно со Костарика, Хонгконг, Малезија, Северна Македонија, Катар и Уругвај.
Австралија, Есватини и Малдиви се избришани од сивата листа со образложение дека ги спроведуваат неопходните даночни реформи.
Во ажурирањето, Турција остана на сивата листа со образложение дека постигнала напредок во автоматското споделување податоци со земјите членки, но дека има дополнителни чекори што треба да ги преземе.
- За листата
Во 2017 година, ЕУ го започна процесот за одредување „список на даночни раеви“, откако беше откриено дека многу компании и поединци ги избегнуваат даноците со користење на офшор сметки. За време на подготовката на списокот, чија цел е борба против затајувањето данок, испитани се даночните системи на различни земји.
Ако даночните практики во една земја дозволуваат даночно затајување од друга земја, таа се става на црната листа од ЕУ. Земјите кои се обврзаа на реформи за да ја поправат ситуацијата се ставени на црната листа.
Списокот се ажурира во февруари и октомври секоја година.
Финансиските трансакции со ЕУ на земјите кои се на црната листа се регулирани построго.
Земјите членки на ЕУ не се вклучени во даночната црна листа, под претпоставка дека „се во согласност со даночните стандарди“.
Вреди да се одбележи дека земјите од ЕУ кои нудат атрактивни даночни можности, како што Луксембург, Малта, Холандија, Ирска, Бугарија и администрацијата на кипарските Грци, не се вклучени во листата.