Admir Fazlagic
28 Март 2019•Ажурирај: 29 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министри од Владата задолжени за реализација на клучните реформски приоритети денеска се обратија на средбата со Работната група на Советот на Европската унија за Западен Балкан/Проширување (КОВЕБ/КОЕЛА), што се одржа во Собранието на Република Северна Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија, премиерот Заев побара да биде вреднуван напредокот на Република Северна Македонија и земјата во јуни да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија.
„Работиме ангажирано за во јуни пред вас, земјите членки на ЕУ, нашето досие да биде силно поткрепено со резултати коишто ќе ја покажат нашата решителност, како и одржливоста на реформските процеси што ги спроведуваме. Би сакал да Ве уверам дека кај нас постои целосна свесност за обемот на обврските и задачите кои ги наметнува процесот на пристапување кон ЕУ и дека Владата го вклучи целиот свој капацитет да го олесни носењето на одлуката во Советот во јуни“, рече премиерот Заев.
Тој посочи на важноста на позитивната одлука на Советот во ЕУ во јуни, како за Република Северна Македонија така и за целиот регион.
„Сметаме дека одлуката за почеток на пристапни преговори е важна не само заради нас, туку и заради пораката којашто ќе се испрати до целиот регион, но и пошироко - дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина на земјата. Ние бараме шанса за којашто искрено веруваме дека ја заслуживме. Бараме оваа година да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ", рече премиерот Заев кој додаде дека Северна Македонија е свесна дека завршувањето на тие преговори ќе зависи како од напредокот на земјата, така и од европските институции.
За постигнувањата во областите, на состанокот поконкретно објаснија ресорните министри и вицепремиери, меѓу кои беа Бујар Османи, вицепремиер задолжен за европски прашања, вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за правда Рената Дескоска, министерот за информатички општество и администрација, Дамјан Манчевски, како и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
На работниот состанок на премиерот Заев и министри од Владата со Работната група на Советот на Европската унија за Западен Балкан имаше и дискусија.
„Упатени се честитки до Република Северна Македонија за постигнатиот Договор во Преспа, испратена е порака нашата земја да ги искористи претстојните два месеци и да продолжи со одличната работа, поздравен е дијалогот со опозицијата и со политичките и општествените чинители и изразена е надеж дека ЕУ во јуни ќе ги вреднува достигнувањата на Република Северна Македонија", информираат од Владата.