Fatjon Cuka
28 Март 2019•Ажурирај: 29 Март 2019
ТИРАНА (АА) - Опозициските партии во Албанија продолжија со антивладините протести во Тирана, со учество на демонстранти и од другите градови од земјата, а протестите беа проследени со тензии и судири, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестите пред седиштето на салата за пленарни седници на Собранието на Албанија беа организирани во време кога се одвиваше парламентарна седница и беа проследени со тензии и судири на демонстрантите со полициските сили.
Опозициските демонстранти фрлаа со разни предмети врз полициските сили сместени пред Собранието на Албанија и се обидоа да го пробијат полицискиот кордон.
Денешниот протест, како и претходните протести, беше организиран од Демократската партија (ДП) и партијата Социјалистичко движење за интеграција (СДИ), кои инсистираат на креирањето на транзициона влада и одржување на предвремени избори.
Во текот на протестите говори одржаа лидерите на опозициските политички партии, како и поранешните пратеници на опозициските партии кои поднесоа оставки, откажувајќи се од пратеничките мандати.
Лидерот на опозицијата и истовремено претседател на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша, во неговиот говор истакна дека во цела Албанија е започнат национален дијалог.
„Нема да прифатиме „фасада-демократија“, како што не прифативме „фасада-собрание“. Политичкото решение бара соединување на сите Албанци“, рече Баша пред демонстрантите.
Протестот потоа се премести пред седиштето на Министерството за внатрешни работи, каде што демонстрантите фрлаа со боја врз зградата, за на крај да заврши пред седиштето на Демократската партија на Албанија.
Од друга страна, Собранието на Албанија продолжи со пленарната седница, на која, освен за нацрт-законите се дискутираше и за предлог-резолуцијата за „оценка на работата на пратеничката работна група Пријатели на децата“.
Стотина полициски сили беа ангажирани пред Собранието на Албанија, Министерството за внатрешни работи и пред другите институции, за да спречат инциденти во текот на протестите.
Опозициските партии во Албанија, по доставувањето на пратеничките мандати во месец февруари, организираа неколку протести проследени со тензии, инсистирајќи на креирањето на транзициона влада, која според нив, би ги организирала предвремените избори.