Zülfiya Yakup
29 Март 2019•Ажурирај: 30 Март 2019
ПРИШТИНА (АА) - Собранието на Косово во второ читање го усвои нацрт законот за забрана на игри на среќа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пратениците на вонредна седница на Собранието, најпрвин, по парламентарната дебата го усвоија предложениот нацрт закон во прво читање, за да потоа, со забрзана процедура, биде објавено и второ читање на нацрт законот за забрана на игри на среќа.
По второто читање за тој нацрт закон гласаа 69 пратеници, колку што и беа присутни во пленарната сала на Собранието, соопштено е на сајтот на Собранието на Косово.
Вонредната седница е одржана на барање на Владата на Косово, која нацрт законот за забрана на игри на среќа го усвои вчера и го испрати до Собранието на усвојување.
Премиерот на Косово Рамуш Харадинај, претставувајќи им го на пратениците нацрт законот, рече дека со него се забрануваат сите игри на среќа, исклучувајќи ја Лотарија на Косово. Тој ги повика пратениците да го усвојат тој нацрт закон.
Пратениците на опозицијата во текот на дискусијата побараа од Владата со посебен нацрт закон да разјасни како ќе функционира Лотарија на Косово.
Шефот на пратеничката група на опозицискиот Демократски сојуз на Косово Авдулах Хоти рече дека нацрт законот кој Владата го испратила на усвојување не е во согласност со Резолуцијата која ја изгласа Собранието на Косово бидејќи во нацрт законот не се наведува периодот од 10 години забрана како што е побарано со Резолуцијата на Собранието.
Собранието во петок, на 22 март, на барање на 49 опозициски пратеници, дискутираше за функционирање на игрите на среќа бидејќи во краток период во Косово се убиени две млади лица на свои работни места во косовските казина.
Со таа резолуција од Владата на Косово е побарано да започне законски процедури за укинување на активности на сите игри на среќа до измена и дополнување на соодветен закон и во рок од 30 дена на Собранието да му достави нов закон кој ги укинува сите видови игри на среќа во период од 10 години.
Тогаш е кажано дека во Косово функционраат 1.645 лиценцирани апарати за игри на среќа и 294 лиценцирани кладилници, но дека постои и речиси двојно поголем број нелиценцирани локали со игри на среќа кои исто така функционираат.