БЕЛГРАД (AA) - Европскиот комесар за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, денес во Белград изјави дека Европската Унија (ЕУ) се обидува да го подготви регионот во што порана фаза да се приспособи на сите предизвици со кои ќе се соочи кога државите на регионот ќе станат членки на ЕУ, поради што е важна регионалната соработка, за што добар пример е иницијативата за укинување на роамингот во земјите на регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката конференција за новинари со претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, во Белград, Хан рече дека ја цени силната посветеност на Србија за регионалната соработка.
Хан рече дека за регионалната соработка се штетни мерките на Косово со кои се воведени такси на стоката од Србија и Босна и Херцеговина, укажувајќи дека дијалогот на Белград и Приштина е важен, но дека тоа не е сè кога се говори за иднината и регионалната соработка, и дека би било грешка сите останати напори на Србија на патот кон ЕУ да бидат запрени, затоа што дијалогот е во застој.
„Сепак, постојат други области кои подеднакво придонесуваат кон регионалната соработка, како на пример, укинувањето на роамингот, и поради тоа ја поздравувам отвореноста на Владата да ја поддржи оваа иницијатива и да пронајде начин ова да се постигне“, рече Хан.
Според неговите зборови, важно е да се гледа во иднината и да се гледа како понатаму може да се подобри регионалната соработка.
„Ние тука се обидуваме да го подготвиме регионот во што порана фаза да се приспособи на сите предизвици со кои ќе се соочат земјите кога ќе стнат членки на ЕУ“, рече Хан.
Како што наведе, со претседателката на Владата на Србија е разговарано и за новата медимуска стратегија, а убеден е дека во текот на пролетта ќе биде можно да заврши тој процес, бидејќи тоа е пример на инклузивен пристап кој ги вклучува сите општествени актери.
„Вчера и денес разговаравме и за Собранието на Србија и се согласивме дека на сите треба да им се пружи некаков вид помош. Пратениците на Европскиот парламент понудија начини како понатаму може да се унапреди соработката помеѓу власта и опозицијата, со цел подобро функционирање“, додаде Хан.
Повтори дека е неопходен напредок во областа на владеењето на правото, но изрази уверување дека тој напредок ќе биде можен.
„Најмногу разговаравме за реформите во областа на владеењето на правото, кое е најкомплексна реформа и една од областите во кои ние моментално најмногу вложуваме и напори и ресурси“, потврди и претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ.
Говорејќи за нацртот на медиумската стратегија, Брнабиќ рече дека се добиени повеќе од 250 коментари за тој нацрт, кој потоа ќе биде поделен со Работната група и ќе биде испратен до Европската комисија, изразувајќи надеж дека нацртот ќе биде усвоен до крајот на април на седница на Владата, а потоа и во Собранието.
„Она што е важно се уставните измени и се надевам, тоа зависи од Собранието, дека во текот на пролетното заседавање уставните амандмани ќе бидат на дневен ред“, рече Брнабиќ.
Брнабиќ, исто така, говореше и за регионалните иницијативи и регионалното поврзување, со забелешка дека Србија има одредена доза резерва за регионалното поврзување и регионалниот договор за укинување на роамингот, што доаѓа „во момент кога Приштина и понатаму инсистира на кршењето на ЦЕФТА-договорот со таксите што ги воведе“.
Таа оцени дека не е фер да се инсистира на понатамошни регионални договори, кога Приштина го крши веќе постоечкиот ЦЕФТА-договор, но дека Србија останува „длабоко посветена на регионот кој е поврзан, силен, интегриран и кој на сите граѓани во регионот без оглед каде живеат им пружа поинаква визија за иднината“.
news_share_descriptionsubscription_contact
