Betül Yürük
24 Март 2022•Ажурирај: 25 Март 2022
ЊУЈОРК (АА) - Нацрт-резолуцијата на Русија за хуманитарната помош за Украина, претставена во Советот за безбедност на Обединетите нации, не е прифатена бидејќи не ги доби потребните 9 гласа поддршка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Само Кина ја поддржа Нацрт-резолуцијата на Русија, а останатите 13 земји останаа воздржани.
Додека Генералното собрание на ОН одржуваше седница на која се посочуваше внимание на хуманитарните последици од војната во Украина, Русија, со образложение дека седницата е „политизирана“, пред Советот за безбедност на ОН изнесе предлог-резолуција.
Во Нацрт-резолуцијата на Русија се наведува дека се изразува „загриженост поради влошувањето на хуманитарната ситуација“ во Украина.
Нацрт-резолуцијата во 15-члениот Совет за безбедност на ОН ја поддржаа само Русија и Кина. Предлогот на Русија не е прифатен бидејќи не ги доби потребните 9 гласа.
За Нацрт-резолуција да биде прифатена, потребно е во Советот за безбедност на ОН да добие поддршка од најмалку 9 гласа, а петте постојани членки на Советот да не стават вето.
Во Нацрт-резолуцијата, во која најостро се осудуваат нападите врз цивилите и се изразува загриженост поради влошената хуманитарна ситуација, воопшто не се спомнува кој е одговорен за нападите во Украина.
Од друга страна, Генералното собрание на ОН расправа за нова резолуција со која ќе се зголеми дипломатската изолација на Русија и со која ќе се сврти вниманието кон хуманитарните последици од војната во Украина и се повикува кон помоќна помош.
Војната меѓу Русија и Украина, која започна со рускиот напад на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и поттикна заминување на глобални компании од Русија.
Според проценките на ОН, најмалку 977 цивили се убиени досега во војната што се одвива во Украина, а 1.594 се ранети. Од Агенцијата за бегалци на ОН информираат дека над 3,6 милиони лица избегале од Украина.