Ayhan Şimşek
24 Март 2022•Ажурирај: 25 Март 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија пријави околу 320.000 нови случаи со Ковид-19, што е нејзин највисок дневен пораст досега, откако започна пандемијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“, агенција за контрола на болести во земјата, потврди 318.387 нови случаи на коронавирусот и 300 смртни случаи во последните 24 часа.
Ублажувањето на мерките против Ковид-19 минатиот месец и ширењето на високозаразната подваријанта на Омикрон, BA.2, се главните фактори за зголемувањето на бројот на случаи.
Болниците низ земјата оваа недела пријавија недостиг на персонал поради зголемените случаи помеѓу здравствените работници кои биле изложени на вирусот.
Околу 75 проценти од болниците не се во можност да го одржат нормалното ниво на работа, според Германската федерација на болници (DKG).
Во средата, 2.301 пациент со Ковид-19 се примени во болниците, според официјалните податоци.
„Има 2.335 тешко болни пациенти со коронавирусот на одделите за интензивна нега (ICUs), од кои 895 се на респиратор“, соопшти Здружението за итна медицина ДИВИ.
Германија е меѓу земјите најтешко погодени од пандемијата на коронавирусот во Западна Европа, и една од земјите со највисок број случаи во регионот, веднаш по Франција и Велика Британија.
Земјата во која живеат 83 милиони жители пријави околу 19,6 милиони заразени и 127.822 смртни случаи од почетокот на пандемијата пред две години.