Ethem Emre Özcan
25 Јуни 2020•Ажурирај: 29 Јуни 2020
АНКАРА
- Етем Емре ОЗЏАН
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека од март 2011 година во Сирија најмалку 14.388 лица починале како последица на измачување кое над сите нив го вршеле првенствено припадниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, јавува Агенција Анадолија (АА).
СНХР објави најнов извештај по повод 26 јуни, Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од измачување.
Во извештајот се наведува дека од март 2011 година, кога започнаа народните протести во Сирија, од последица на измачувањето кое го вршеа припадниците на режимот на Асад, починале 14.388 лица, од кои 177 малолетници и 63 жени.
Припадниците на режимот на Асад на овој окрутен начин усмртија 14.235 лица, вклучувајќи 173 малолетници и 46 жени.
Терористите на ЈПГ/ПКК на овој начин усмртија 52 цивили, меѓу кои едно дете и две жени. Исто така, терористите на ДЕАШ усмртија 32 цивили, вклучувајќи едно дете и 14 жени.
Воената опозиција и антирежимските вооружени групи како последица на измачувањето усмртија 69 лица, од кои две деца и една жена.
Во извештајот уште се наведува дека силите на режимот на Асад за време на граѓанската војна притвориле околу 1,2 милиони Сиријци, а поголемиот дел од нив и понатаму се наоѓаат во заробеништво.
„Сирискиот режим ја користи тортурата за да се одмазди на противниците“, се наведува во извештајот и се додава дека режимските сили користеле вкупно 72 методи на физичко, психичко и сексуално насилство и измачување над затворениците.
Во извештајот се наведува дека заробениците живееле во простории без какви било санитарни услови, додека во режимските зандани со големина од 24 квадратни метри во просек биле затворени 50 лица.
СНХР предупредува дека новиот тип коронавирус се проширил и на подрачјата под контрола на сирискиот режим, поради што затворениците во режимските затвори се во животна опасност.
Опозициските извори тврдат дека во режимските затвори и испитувачки центри сѐ уште се наоѓаат најмалку 500.000 лица.