Elena Teslova
25 Јуни 2020•Ажурирај: 25 Јуни 2020
МОСКВА
Бројот на нови случаи на заразување со Ковид-19 во Русија е во пад во последните седум дена. Од дневниот пораст за 7.972 случаи на заразување минатиот петок, падна на 7.113 потврдени случаи во последните 24 часа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вкупниот број на заразени лица со Ковид-19 во Русија достигна 613.994, а третина од нив се активни случаи, покажуваат податоците на Оперативната група за вонредни состојби во земјата.
Во однос на вчерашниот ден се излекуваа 6.342 пациенти, со што вкупниот број дојде на 375.164.
По вторпат оваа недела, бројот на смртни случаи е под 100. Така на 21 јуни се потврдени 95 смртни случаи, додека во последните 24 часа од последиците на вирусот починаа 92 лица. Од Ковид-19 досега починаа вкупно 8.605 заболени.
Во обраќањето на нацијата во вторникот, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата земја успеала да го доведе вирусот до пад и да достигне пресвртна точка. Сепак, тој ги предупреди граѓаните „да останат фокусирани, внимателни и претпазливи, особено додека не започне масовното производство на ефикасен превентивен лек“. Исто така, Путин истакна дека бројот на заразени со коронавирусот останува голем во многу руски региони.
„Русија го користи масовното тестирање како една од превентивните мерки“, додаде претседателот, тврдејќи дека неговата земја спроведува повеќе тестирања на 1.000 пациенти во однос на другите големи светски држави.
Моментално 14 руски федерални научни центри работат на пронаоѓање на вакцина против Ковид-19, која мора да биде ефикасна, доверлива и безбедна за луѓето на сите возрасни категории и во сите здравствени состојби.