Burak Bir
09 Јануари 2025•Ажурирај: 11 Јануари 2025
ЛОНДОН (АА) - Обилниот снег и студеното време создаваат големи проблеми во делови од Европа, предизвикувајќи прекин на железничкиот и воздушниот сообраќај, известува Анадолу.
- Холандија
Во Холандија се очекуваат значителни нарушувања поради врнежи од снег и предупредувањата за мраз низ целата земја.
Холандската национална метеоролошка служба издаде портокалово предупредување за областите Лимбург и Норд-Брабант за утринските часови во петок, но подоцна го намали на жолто.
Пет до осум сантиметри снег паднаа во Зуид-Лимбург во текот на ноќта, а се очекуваат до три сантиметри во некои делови на Западен Брабант и пет до осум сантиметри во Лимбург и Ост-Брабант, пренесува НЛ Тајмс.
Официјалните лица ги повикаа возачите да бидат внимателни и да ги прилагодат своите планови за патување според временските услови, бидејќи патиштата се покриени со снег и мраз.
- Белгија
Мешавина од снег и дожд падна во Белгија во средата навечер и во четвртокот наутро, поради што властите издадоа жолто предупредување за поголемиот дел од земјата.
„Брисел тајмс“ објави дека на теренот немало големи пречки во сообраќајот, летовите биле одложени во четвртокот наутро, а имало и откажувања.
Се очекува намалување на температурите до минус два Целзиусови степени во централните региони на земјата и два степени долж нејзиното крајбрежје.
- Франција
Две лица загинаа во северна Франција поради снежните врнежи.
Се очекува намалување на температурите до минус 16 степени во некои области во Франција во четвртокот вечер.
Повикувајќи се на властите, локалните медиуми објавија дека бездомник во близина на Валенсиен починал од хипотермија во текот на ноќта, а уште едно лице починало откако се лизнало на мраз во Кроа, во близина на Лил.
Училиштата се затворени во северна Франција поради обилни врнежи од дожд и снег.
Околу 1.000 домови останаа без струја во северните делови на Франција, каде во текот на ноќта паднаа и до десет сантиметри снег во текот на првиот новогодишен поларен вртлог.
- Велика Британија
Во Велика Британија продолжуваат прекините на патувањата поради врнежите од снег и предупредувањата за мраз поради падот на температурите.
Националната метеоролошка служба објави дека Англија, Велс и Северна Ирска ги имале најстудените ноќи досега, со температури и до минус 11,2 степени.
Тоа следеше откако Метеоролошката канцеларија издаде три нови предупредувања за мраз, а две предупредувања го покриваат поголемиот дел од источниот брег на Англија, Велс, Мидлендс, северозападна Англија и Северна Ирска.
Во меѓувреме, пистите на аеродромот во Манчестер повторно беа затворени поради обилниот снег. Аеродромот подоцна објави дека пистите се повторно отворени, но предупреди на дополнителни одложувања.
- Германија
Денес германските власти издадоа предупредување за обилен снег низ поголемиот дел од земјата.
Снежните врнежи се очекува да продолжат ширум Германија, соопшти Германската метеоролошка служба.
Налетите на ветерот се очекува да достигнат 100 километри на час во Минхен и 115 километри на час во шумските поддрачја.
Поради силниот ветер властите ги предупредија жителите на централна и јужна Германија на веројатност од паѓање дрвја и можни летечки предмети.