Ayhan Şimşek
22 Февруари 2018•Ажурирај: 25 Февруари 2018
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка, Ангела Меркел, денес ги повика европските земји да ги интензивираат напорите за спречување на сирискиот режим на Башар ал-Асад во вршењето масакр во Источна Гута, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање пред пратениците во германскиот Парламент пред самитот на лидери на ЕУ во Брисел, Меркел го осуди убивањето цивили од страна на режимот во областите кои се под опсада.
„Борбата на режимот против својот народ, а не против терористите, убивањето на деца и уништувањето болници, сето тоа претставува масакр кој треба да се осуди“, вели таа.
Меркел нагласи дека Европската Унија (ЕУ) треба да игра поголема улога во сириската криза и да преземе чекори со цел да ги запре ваквите масакри.
„Како Европјани мораме да работиме кон тоа“, истакна Меркел и го повтори апелот до поддржувачите на сирискиот режим во Русија и Иран да го искористат нивното влијание за да се спречат понатамошни масакри во Сирија.
По интензивирањето на нападите на режимот во Источна Гута загинаа над 250 цивили, а стотици се повредени.
На мировните преговори во Астана во мај минатата година, Турција, Русија и Иран ја назначија Источна Гута за зона без судири, во која актите на агресија се строго забранети.
Источна Гута, која е дом на околу 400.000 жители, се наоѓа под опсада на сирискиот режим во последните пет години.