Турција, наука и технологија

Турција петта во Европа по производството на компоненти за ветерници

Турција има 12 оперативни постројки, со што е петти производител на компоненти за ветерни турбини во Европа. Од овие 12 постројки, шест го произведуваат јарболот, четири објекти произведуваат перки и два објекта произведуваат модли

Ebru Şengül Cevrioğlu  | 24.10.2020 - Обновена : 24.10.2020
Турција петта во Европа по производството на компоненти за ветерници

ИЗМИР (АА) - Турција се наоѓа на петтото место од листата на водечки производители на стратешки компоненти за ветерни турбини во Европа, покажува последниот извештај на „ВиндЕвропа“ („WindEurope“) насловен како „Ветерната енергија и економското закрепнување на Европа“, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во извештајот е прикажана состојбата на европската ветерна индустрија и светската конкурентност, како и нејзината индустриска застапеност во Европа.

Извештајот открива дека на исклучително конкурентниот пазар на ветерна енергија вреден 50 милијарди евра на светско ниво во 2020 година, и тоа 38 милијарди евра копнен и 12 милијарди евра на море, Кина го зема најголемиот удел со 45 отсто од скоро 800-те локации за производство на компоненти за ветерни турбини.

Европа е на второто место со 31 отсто, Индија со 7 отсто, Бразил со 5 отсто, а во Северна Америка (во САД, Канада и Мексико) се сконцентрирани само 4,5 отсто од фабриките за компоненти за ветерници во светот.

Извештајот покажува дека првите четири земји најголеми производители на стратешки компоненти за ветерни турбини во Европа се Германија со 82, Шпанија со 41, Италија со 17 и Данска со 13 постројки.

Турција има 12 оперативни постројки, со што е петти производител на компоненти за ветерни турбини во Европа. Од овие 12 постројки, шест го произведуваат јарболот, четири објекти произведуваат перки и два објекта произведуваат модли.

„Чекорите што Турција ги презема на полето на чиста енергија и чисти технологии во согласност со целите за одржлив развој на Обединетите нации и 11. План за развој на Турција сега се одразуваат во извештаите подготвени од меѓународните организации“, изјави за Агенција Анадолија генералниот секретар на Агенцијата за развој на Измир (ИЗКА), Мехмет Јавуз.

Турција направи значителен напредок во производството на опрема за ветерна енергија и достигна фаза во која може да ја произведе скоро целата опрема потребна за ветерните турбини, која се состои од 8.000 компоненти.

Јавуз нагласи дека постројките што ги произведуваат главните, најголеми и најскапи компоненти, како што се перките, јарболите и куќиштето, што се користат во Турција но и за меѓународен извоз, се наоѓаат во и околу Измир.

Измир стана „главен центар на ветерната енергија, бидејќи 60 отсто од капацитетот на ветрот во земјата, што претставува 10 отсто од вкупниот инсталиран капацитет во 2020 година, се произведува во и околу Измир (20 отсто во Измир и 40 отсто во неговата околина)“.

„Освен 12-те производни погони споменати во извештајот на „ВиндЕвропа“, во Измир има уште 30 постројки кои произведуваат компоненти за производство на ветерна енергија“, рече Јавуз.

Тој очекува да види понатамошен прогрес во производството на опрема за добивање енергија од ветрот во Турција во слични извештаи поради новите инвестиции што се во тек во оваа област.

Извештајот, исто така, ја потенцира жестоката конкуренција во производството и снабдувањето со компоненти со висока пазарна вредност, како што се јарболите, перките на роторот и запченици, на што отпаѓа 50-55 отсто од пазарот на глобално ниво.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.